Адвокатот Димитар Дангов, кој го брани обвинетиот Сашо Срцев, не дојде на денешното рочиште за предметот „Титаник 2“, бидејќи брани обвинет во предметот за крвавиот четврток.
Без неговото присуство судењето не може да почне. Судијата Огнен Ставрев рече дека судењето е закажано пред повеќе од 1 месец и ова однесување на адвокатот е несериозно и заради тоа ќе го казни Дангов.
Обвинителката Фетаи рече дека нема да дозволат да се одложи судењето заради оваа причина. Адвокатот Боро Тасевски рече дека имаат за различни предмети на СЈО по неколку рочишта во еден ден и не можат да стигнат.
Фетаи пред судот рече оти СЈО имало разбирање за семејните прилики на обвинетиот Срцев, но дека адвокатот цел месец знаел дека има рочиште и во двата предмети и навремено да обезбеди замена.
Судијата даде половина час пауза за Срцев да се договори да го застапува некој од адвокатите на Мијалков. Адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски рече дека приоритет има притворскиот предмет во предметот за крвавиот четврток.
Во предметот „Титаник 2“ обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.
На денешното рочиште треба да сведочат 4 сведоци, поранешни членови на ДИК, меѓу кои Виолета Дума, Борис Кондарко и Субхи Јакупи.
Васко Маглешов