Од денеска па се до 4 јануари, граѓаните ќе имаат можност да им помогнат на социјално загрозените семејства преку новогодишна хуманитарна акција организирана од „Сити мол“ во соработка со 12 медиуми. Секој медиум избира социјално загрозено семејство на кое ќе ги донира подароците кои ќе бидат поставени под елката. Секоја елка означува еден медиум.
12-те новогодишно декорирани природни елки сместени се на вториот кат од трговскиот центар. Во кампањата се вклучени медиуми од националните телевизии, веб портали и радио станици односно телевизите Телма и ТВ21, порталите А1он, Сакам да кажам, МКД, Женски магазин, Фактор, Риборн, Мак Мода, Оффнет, Емагазин како и Сити радио.
Денеска, првите подароци под елките ги донираа самите медиуми со што упатија апел до граѓаните да ја разбудат во себе емпатијата во празниците кои претстојат и да внесат радост и среќа кај децата од 12те избрани семејства.
Овој хуман гест, превенствено има за цел да ја подигне свеста на граѓаните и да ги мотивира да донираат новогодишни подароци за деца, кои сe од социјално загрозени семејства. Пред секоја елка – медиум има податоци за колку деца станува збор од социјално загрозеното семејство и на која возраст се дечињата, што ќе им олесни на посетителите околу изборот за новогодишни подароци кои ќе сакаат да ги донираат.
-Ги повикувам сите хумани граѓани во овие 22 дена да дојдат во „Сити мол“ да донираат и да им помогнеме на овие 12 фамилии да имаат убави празници и посреќни и повесели да ја дочекаат новата 2018 година, вели Дарко Панчевски еден од организаторитена хуманитарната акција.
Елките се поставени веднаш до секторот за храна каде задолжените волонтери ќе бидат достапни за сите заинтересирани посетители да им излезат во пресрет и помогнат околу превземањето на подароците и дополнителни информации околу кампањата.

Редакцијата на А1он се реши своите подароци да ги донира на семејството Христовски од Кисела Вода. Се работи 4 члено семејство во кое двете малолетни деца живеат со самохран татко кој поради повреда на работно место не е во можност повеќе да работи. Христовски се обидуваат да сврзат крај со крај со пензијата од мајката на самохраниот татко која пак има сериозни здравствени проблеми.

Во пресрет на Бадник и Божик, медиумите ќе ги посетат домовите на овие 12 семејства и ќе им ги врачат подароците.
Виктор Јованов