Копилиња во македонското новинарство има, тие се качени на бродот „Титаник“ и се препознаваат. Жал ми е што некои од нив ќе завршат само како даночни затајувачи. Вака новинарот Александар Чомовски ги коментира последните случувања во медиумите и заканите врз претседателот на Здружението на новинарите, Насер Селмани.
„Не е проблемот во ‘копилирањето’. Копилињата во политичките и партиските ергелиња се многу поопасни, поагресивни и демонски настроени врз слободата и демократијата. Овој протест е сосема легитимен на еден континуиран бунт на новинарите кои се обидуваат барем елементарно да стават некаква брана на полуписмени, полунезнајни, полубандитски партиски функционери со кои, најверојатно, партиските шефови треба да се справуваат а ние да ги нотираме на начин на кој тоа го правиме“, вели Чомовски за екипата на „А1он“ и „Макфакс“.
Чомовски вели дека не треба никој да се заморува со тоа дали во цела Македонија ќе пишуваат навредувачки написи за него, дали ќе биде во топ-5 прислушувани новинари во Македонија и слично, туку треба да се намине, како што вели, овој лош период на новинарството.
„Сè додека со јавното мислење се обидуваат да владеат разни бекировци, мекировци, синџировци и додека зад нив стојат разни ментори, без оглед дали се од досегашната власт или од сегашната актуелна владејачка гарнитура, мора да преземеме чекори за справување со насилството, сè дотогаш новинарите имаат право да го бранат својот интегритет“, додава Чомовски.
Потсетувајќи се на двајцата убиени новинари на Малта и во Словачка, Чомовски прашува дали тоа треба да се случи и во Македонија за да заминат бандитите што сè уште мислат дека владеат со оружјето и парите.
„Мислам дека во моментот не сме на таа граница за да имаме инциденти како на Малта и во Словачка. Најлесно е да влезеш во таа перцепција. Ако вака продолжиме, тешко дека ќе можеме да се справиме. Јас бев на сите воени боишта, па и таму каде што Бекир Асани бранеше или напаѓаше, но никој од неговите соборци, на чело со тогашниот командант Али Ахмети, не се осмели да нè нарече копилиња. Тие имаа доверба во моќта на новинарите кои тогаш застанаа зад нивните основи премиси, а тоа се слобода, демократија и човекови права“, рече новинарот Чомовски.