(ВИДЕО) Брет: Уметноста во политиката е да се најдат можни решенија

Од:

Политичките фактори треба да покажат зрелост, да мислат на долгорочните ефекти од нивните одлуки, а да не мислат толку на краткорочните добивки, затоа што она што може да го добијат на кратки патеки може да биде пораз за целата држава на долг рок, изјави шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, амбасадорот Ралф Брет во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
И покрај тоа што е очигледно, додава тој, морам повторно да кажам дека доколку овој застој продолжи ќе ги компромитира не само стратегиските цели на земјата, туку и довербата на граѓаните во демократските институции и може да влијае врз одлуките на потенцијалните инвеститори во земјата.

Политичарите и одговорните личности мора во прв план да ги имаат интересите на земјата, да мислат на компромис, истакнува Брет.

– Уметноста во политиката е да се најдат можни решенија и да не се мисли само на своите максималистички позиции. Ситуацијата е критична и се надеваме дека политичарите ќе покажат зрелост и ќе најдат начин да излезат од политичката криза, нагласува шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија.

Брет во интервјуто вели дека не може да замисли демократија без мнозинството од опозицијата да биде активно и да има свои претставници на локално и национално ниво.

– Ова ќе има негативен ефект и ќе влијае врз имиџот на државата како функционална демократија. Ова треба да се избегне и политичарите имаат клучна одговорност за ова. Мислам дека оваа загриженост ја дели меѓународната заедница. Ние го охрабруваме дијалогот за да се надмине оваа ситуација. Но морам јасно да кажам дека не е на меѓународната заедница да каже кои опозициски партии треба да учествуваат во овие избори, изјави Брет.

Бојкот на локалните избори од најголемата опозициска партија во секој случај ќе биде чекор назад за државата и за демократските институции, смета Брет.

– Без разлика колку добро ќе бидат спроведени изборите, доколку се случи таков бојкот, изборот на гласачите ќе биде ограничен и компетитивноста на изборите ќе биде под знак прашалник. Ние како ОБСЕ, се разбира, сме загрижени од таквиот развој на настаните, за реформите кои се во тек, и за безбедносната ситуација. Ако застојот продолжи, тој ќе може да има долгорочни негативни ефекти. Затоа ние апелираме до сите политички лидери да продолжат со политичкиот дијалог и да дадат се од себе да се надмине оваа ситуација и да се дојде до можно решение, изјави амбасадорот на ОБСЕ во Македонија Ралф Брет во интервјуто за Радио Слободна Европа.