Потребно е проширување на прифатните центри за мигрантите и нивно адаптирање согласно миграциските текови. Прифатниот центар беше воспоставен кога обемот на илегалната миграција, беше далеку помал, но сега има потреба од изградба на нови капацитети, вели шефот на канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Соња Божиновска Петрушевска во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Неодамна Собранието ги усвои измените во Законот за азил. Колку тоа ќе ги олесни случувањата со илегалните мигранти?
Да, законските решенија во Законот за азил сметаме дека во голема мера ќе придонесат во однос на намалување на ризиците на коишто досега беа изложени мигрантите, коишто се однесуваа на криумчарењето на мигранти, потоа нивната голема изложеност на разни криминални активности како што беа нападите, пљачкања итн. Така што, сметаме дека измените во Законот за азил придонесуваат во однос на легализирањето на движењето на мигрантите, а кога движењето на мигрантите е легализирано, имаат можност за поголем пристап кон заштитните механизми, имаат можност да бараат заштита. Клучна карактеристика на секој ефикасен систем на менаџирање на миграциите е да се обезбеди безбедно движење на мигрантите со што им се олеснува и правото и пристапот кон тоа да бараат азил, што е право кое што е гарантирано со меѓународните стандарди.
Каков е вашиот став за поставеноста на МВР во справувањето со овој проблем? Светски медиуми јавуваа дека во куќа во Ваксинце се држени како заложници и често се напаѓани од криминални групи.
Станува збор за мешани или таканаречени комплексни миграциски текови. Комплексни миграциски текови вклучуваат различни категории на мигранти, значи не станува збор само за еден тип на мигранти, туку има различни видови коишто имаат потреба од различни типови на заштита, вклучувајќи бегалци, вклучувајќи баратели на азил, вклучувајќи жртви на трговија со луѓе, непридружувани малолетници, како и жени коишто се особено ранливи во услови на вакви масовни миграциски текови. Сите тие поминуваат низ границите, најчесто на неавторизиран начин, најчесто без документи, поминуваат преку границите на повеќе земји коишто не ги познаваат добро, така што во очајниот обид да најдат сигурност, да најдат безбедност за себе и за своите семејства, тие се принудени да ги користат услугите на криумчарите на мигранти. Така што и во овој поглед активностите на МВР беа насочени кон откривање и казнување на криумчарите на мигранти, потоа исто така кон адресирање на оние случаи кога мигрантите беа напаѓани со цел спроведување одредени активности против овие мигранти како што е пљачкањето итн. Законот за азил, односно новите законски решенија во Законот за азил во голема мера ја намалуваат изложеноста на мигрантите кон разновидните ризици, меѓутоа сепак треба да се води сметка дека тие се движат на отворено, дека се изнемоштени и се наоѓаат во тешка финансиска ситуација и сè уште е потребна превенција и заштита во тек на нивното движење, бидејќи се наоѓаат во доста ранлива состојба.