„Јавното обвинителство за гонење на дела од областа на организиран криминал не смее да фингира истраги и да биде главен режисер во фарсата која што ја гледа јавноста деновиве, која наликува на се освен на борба против криминалот на власта. Дали сме сведоци дека деновиве криминалниот картел се обиде да украде цели 45 милиони евра преку Министерството за здравство и Фондот за иновации?“-истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој дополни дека наместо да бидат оставени да ги прикриваат трагите и да глумат невиност по прес конференции, Венко Филипче, Кочо Анѓушев, Хари Локвенец, Цветанка Ласкова, Јован Деспотовски и останатите инволвирани мора да бидат повикани на одговорност, да бидат сослушани и да им бидат одземени ингеренциите уште веднаш.
„Доколку имаат трошка морал, инволвираните во овие скандали мора да си дадат оставки и да остават органите на прогонот да го сработат своето. Соопштенијата од јавното обвинителство дека ќе постапат по допрен глас, не смеат да бидат покритие за да се стиши револтот кај јавноста од општиот грабеж што се случува во моментот. Фондот за иновации се претвори во фонд за испумпување на парите на граѓаните во џебови на фирми и поединци блиски до СДСМ.
Очигледно дека СДСМ е преполна со иноватори кои наоѓаат секаков начин да добијат средства од парите на граѓаните, за кои нема да вратат ниту денар, а камо ли да платат било каква камата како сите граѓани. После скандалозните грантови кои ги добија фирмите на вицепремиерот Анѓушев, пратеникот Локвенец, снаата на Цветанка Ласкова и претседателот на општинската организација на СДСМ Кавадарци кој се омрсил со народни пари. Има ли крај на овој скандал и на овој грабеж-наведе Арсовски.
Тој дополни дека надлежните институции треба под итно да превземат истрага за овој грабеж на граѓаните и на државата.
„До тогаш најмалку што можат да направат е директорот на Фондот да си поднесе оставка за да не влијае врз истрагата, а не да се прави паднат од небо како изминативе денови дека неговата институција поделила огромни грантови на своите партиски другари под сомнителни критериуми. Во пакет со Деспотовски оставка треба да си поднесат и сите носители на јавни функции чии фирми или фирми на нивните членови на потесното семејство добиле народни пари за наводна иновативност. Разврска мора да има. Одговорност мора да следи. Оставките се првиот чекор, а ако институциите во постапка потврдат криминал треба да има и пресуди. Јавноста тоа го очекува, да се стави крај на самоволието и криминалот на овој картел на власт кој што го гледаме изминативе година дена“-заврши Арсовски.