„СДСМ што пипнаа тоа исуши. Секое евро што можеа да го искрадат, го искрадоа. Летаат тендери и донации, особено деновиве кога целата јавност е фокусирана на прашањата околу името на Република Македонија, референдумот и договорот со Грција. Пред една недела, вицепремиерот Кочо Анѓушев излезе на говорница и рече дека му било “чест и задоволство и голема радост” што фондот за иновации делел 10,5 милиони евра! Па како нема да му биде кога на фирма во која што како сопственик тој фигурира негова компанија се доделуваат 160 000 евра“-, истакна на денешната прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Арсовски нагласи дека СДСМ ветувале грантови од 10.000 евра за секој млад човек, а на крајот си ги поделиле парите за себе.
„ Доколку Кочо Анѓушев не знаел, да го потсетиме, дека: Во Законот за спречување на судир за јавни интереси јасно и прецизно пишува:Член 3, Став (1) – “Судир на интереси” подразбира судир на јавните овластувања и должности со приватниот интерес на службеното лице, во кој службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз вршењето на неговите јавни овластувања и должности. Додека пак, во Кривичниот Законик на Република Македонија јасно и прецизно е предвидено казна затвор за сите оние кои го прекршуваат Законот за судир на интереси. Па така, според Член 353-в од Кривичен Законик на Република Македонија, Став (1) односно (3) – Службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое со повреда на законските прописи за судир на интересите или за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор или на друг начин очигледно несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа за себеси ќе прибави или за друг значителна имотна корист или нанесе значителна штета, ќе се казни со затвор од најмалку 3 години. Значи на Кочо Анѓушев му се заканува казна затвор од најмалку 3 години“-, истакна на прес конфернцијата Арсовски.
Тој потенцираше дека Кочо Анѓушев, заедно со Јован Деспотовски директорот на фондот за иновации и Зоран Заев кој е премиер на Репубика Македонија, биле потпишани на грантовите, односно чековите кои што ги добиваа избраниците. Јавно го повикува Јавното обвинителство на Република Македонија, да не спие, конечно да се разбуди и да почне да го гони криминалот.
„Органите за прогон веднаш да поведат постапка против Анѓушев и Деспотовски. Истрага мора да има за ваквиот однос кон народните пари кои што се трошат и се грабат на секој начин. За да нема притисоци врз истражните органи Анѓушев и Деспотовски треба веднаш, уште во моментот да си поднесат оставки. За да не останат оштетени граѓаните до завршување на судскиот процес, Анѓушев, односно неговата компанија, веднаш треба да ги врати во буџетот сите 160 000 евра што ги зема.“-истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.
