(ВИДЕО) Арсовска Томовска: Договорени се три работи за медиумите

Од:

Има консензус меѓу четирите партии за финансирањето на јавниот радиодифузен сервис, за владиното рекламирање и за казнената политика на Агенцијата за медиуми, но треба да се допрецизираат деталите, вели министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Политизацијата на администрацијата на централно и локално ниво останува сериозна загриженост на Европската комисија, а и во извештајот на Прибе се посочува на партизираност. Кој е вашиот коментар на ваквите забелешки на европските институции и практично на европските експерти?

Ова е едно прашање на коишто навистина треба да се пристапи отворено, да се види генезата на проблемот за да може да се најде решение на проблемот. Пред 20-25 години, по осамостојувањето на државата, кога 200 илјади луѓе останаа без работа, работното место во администрацијата стана практично и најпосакуваното работно место затоа што тоа е најсигурно работно место и таа перцепција сè уште постои. Од тој момент почнаа притисоци за фаќање врски за вработување во администрација, и тоа не само партиски, туку и роднински, пријателски, комшиски и секаков вид на притисоци за да се најде место. Проблемот не почна вчера и решение не може да се најде утре, меѓутоа ние направивме многу на оваа тема, бидејќи откога практично почна реформата на јавната администрација и откога се формираше институционален облик за координирање на реформите на јавната администрација, почнаа да се чешлаат состојбите и да се бара чаре, да речеме, за таквиот проблем и врз основа на новите законски решенија, коишто беа подготвени во соработка со Европската комисија се воспостави еден целосен мерит систем. Значи, мерит системот беше тоа што недостасуваше, дека секое вработување во јавната администрација ќе биде базирано на една фер и конкурентска постапка на селекција, во транспарентна процедура, во која што само најдобриот кандидат, оној што е најстручен, најкомпетентен, којшто најдобро би ги исполнил задачите на работното место, ќе биде селектиран и ќе биде вработен.