(ВИДЕО) Арсена подели 1,2 тона вода на ранливи категории граѓани од општина Гевгелија

Од:

Општината се’ уште нема решение за арсенот затоа граѓанската иницијатива „АРСЕНА“ од Гевгелија спроведе нова 4-та по ред акција за донирање вода на најранливите категории граѓани, со цел да ги предупреди дека мора да се заштитат самите од отровниот металоид во водата, до конечното решение на проблемот од надлежните власти.

– „Изминаа десет месеци од почетокот на копањето на нови бунари за водоснабдување на Гевгелија и околните населени места, но нема ништо од бунарите. Сега, дознаваме дека во новиот буџет на општината за 2015 година предвидена е ставка од 11,5 милиони денари за „хидрогеолошки истражни работи за дефинирање на можностите и условите за зафаќање на подземните води и изработка на идејна и основна проектна документација за дополнително снабдување на Гевгелија од подрачјето на реката Вардар од десната страна североисточно од Гевгелија“. Тоа значи дека за догодина нема планирано средства за ископување и пуштање во функција на нови бунари кај Вардар, за кои градоначалникот во февруари годинава најави дека се инвестиција во вредност од 1,1 милиони евра. Затоа, со акцијата ги предупредуваме граѓаните дека арсенот уште тече од градските чешми и да не ја употребуваат водата за пиење и готвење, согласно препораките на Институтот за јавно здравје на РМ кој ги направи последните анализи на вода од Гевгелија кои укажуваат и понатаму на зголемено ниво на концентрација на арсен над дозволената граница од СЗО“, изјавија од АРСЕНА.

– „Ние ја вариме водата, си пиеме чај“, одговараат неупатените граѓани, кои не биле соодветно информирани дека арсенот и со превривањето останува во водата зошто е тежок растворен метал кој не испарува со превривање.

– „Гевгеличанец кој две години го лечеа од бактерија во желудникот, сакаше да појде на специјалистички преглед и го упатиле во Штип. Таму му откриле наталожен арсен во желудникот, а не бактерија. Сега е вознемирен и се прашува до која граница на апсорбиран арсен може да издржи неговиот организам“, ни изјави жител на Гевгелија.

Здравствените проблеми на гевгеличани од арсенот веќе ја подигнаа границата на алармантност заради растечкиот број на малигни заболувања, каде основен причинител е токму арсенот.

– „Немам зборови што да кажам. Како ние да не сме македонци. Ако градот нема сили да го реши проблемот, зошто ништо не превзема државата“, ни изјави резигнирана жителка на Гевгелија, самохрана мајка која по 20 одини работа е без средства за живот, без социјална помош, без регулиран статус на технолошки вишок и без зрак иднина и верба дека некој мисли и на нејзиното семејство.

Со денешната акција поделени се 350 литри пакувана здрава вода, а заедно со претходните акции „АРСЕНА“ до своите сограѓани има донирано 1,2 тони чиста вода за пиење.

Дел од жителите на Гевгелија кои дознале за проблемот со загадената вода во Гевгелија започнале организирано да полнат вода од изворите кај Негорски бањи и кај Конско. Дали е таа добра вода? – ги прашуваа гевгеличани активистите на „АРСЕНА“.

Од „АРСЕНА“ велат дека доставиле иницијатива до локалниот Совет за субвенционирање на пакувана вода за сите семејства приклучени на градската водоводна мрежа.
– Не е решение во 21 век да полниме туби во автомобили, со приколки. Ќе се потрудиме да направиме анализа и на исправноста на квалитетот на водата од изборите кај Негорски Бањи и Конско, но локалните власти, па и државата, треба да превземат конечни и сигурни мерки за решавање на постојниот проблем со загадената вода која ја добиваат гевгеличани, а ја плаќаат како чиста вода. Ние плаќаме сметки за вода за таа да биде испорачана до нашите домови, а не сами да ги бараме изворите за да полниме вода за пиење. Ако нема средства во локаниот буџет за нови бунари, нека се одвојат средства во Републичкиот буџет. Или, нека се набави деарсенификатор“, изјавија од граѓанската иницијатива АРСЕНА.