(ВИДЕО) Ангели – серафими ќе фрлаат светлина на античките штитови од мост „Слобода“

Од:

На фамозната ограда од мостот „Слобода“ деновиве се поставуваат уште поексцентрични канделабри, обликувани во форма на ангели- серафими. Канделабрите се од бронза како и релјефните елементи на оградата, на подножјето и на врвот се наоѓаат херувими со отворени крилја, а на врвот меѓу крилјата се поставени ламби.

Поставувањето на канделабрите Град Скопје го чинеше дополнителни 260.000 евра, настрана 1,7 милиони евра кои беа потрошени за изработка на оградата, за авторските хонорари, за реализација и монтажа. Според последниот договор, непосредно пред поставување на столбовите, Градот имаше потреба да ја ангажира фирмата „РЖ Институт“ за „дополнителни услуги за изработка и монтажа на заштитна ограда и канделабри согласно идејно обликовно решение за заштитна ограда и илуминација на мост“.

Автори на ова „уметничко дело“, како што го нарекува градскиот татко Коце Трајановски, се Константин Јанев и Марјан Камиловски. Уметниците за овој ангажман добиле 236.954 евра, според договорот склучен со Град Скопје во јануари 2011 година. Марјан Камиловски во една прилика, во интервју за Радио Илинден, вели дека овој архитектонски проект е „многу значаен затоа што и се задава сериозен удар на комунистичката архитектура“.