Претседателот на Либералната партија Ивон Величковски вечерва во Кавадарци рече дека ќе овозможи Влада без ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
– Нашата Либерална доктрина е правец за решавање на кризата, и гласот за Либералната партија останува гаранција дека гласот за нас е глас за надминување на оваа криза, дека Либералната партија е онаа што ќе ја дополни разликата, или ќе ја надмине разликата за победа и ќе овозможи Влада без ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, истакна Величковски.
Им се обрати на претприемачите, лекарите, адвокатите, на луѓето од средниот слој, да знаат, како што рече, дека имаат стабилен партнер и оти пратениците на Либералната партија остануваат на својот збор и доследни политички адвокати на нивните барања.
– Либералната партија останува на линија на своите поддржувачи. Ќе не чека многу работа од понеделник, но прво да ја завршиме работата во недела. Да биде се мирно и демократски, онолку колку што може. Нема да им ја смируваме совеста на пржинската четворка, ниту на дипломатите, доколку забележиме и најмала неправилност, рече Величковски.