Пациентите и персоналот од инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница Велес ќе се преселат во модуларната болница оти во нивното крило нема греење. Модуларната болница е празна од лани во септември кога изгоре модуларната болница во Тетово, а велешката беше испразнета оти имала малку пациенти.
Директорот на велешката болница Божидар Бојаџиев за „А1он“ вели дека официјално известување од Министерството сè уште не добил, но неофицијално му јавиле дека барањето за селење им е одобрено.
„Имавме не едно туку две барања за инфективното одделение да го преместиме во модуларната болница. Првото го испративме пролетта, веднаш откако министер за здравство стана Беким Сали, но не добивме одобрение поради тоа што имавме многу пациенти на кислородна поддршка за која постоеше ризик, по искуството со болницата во Тетово. Во меѓувреме имавме дузина контроли за безбедноста на модуларната болница и од Министерството за здравство и од ‘Брако’ кои поминаа без забелешки па испративме и второ барање да се пресели инфективното одделение. Сега има идеални услови да се направи селењето оти на одделението имаме само двајца пациенти па тоа може многу брзо и безбедно да го направиме, но ќе чекаме официјално да бидеме известени“, вели директорот Бојаџиев.
Во крилото на болницата во кое е сметено инфективното одделение „А1он“ објави дека смрзнуваат и пациентите и вработените оти топлата вода додека стигне кај нив се лади. Вработените кажаа дека проблемот е повеќегодишен, но никој не се залага да се реши. На пациентите изминатите години им било дозволено да си донесат греалки, но оваа грејна сезона им забраниле.
„Поради употребата на кислород никој не се нафаќа да одобри користење дополнителни грејни тела од една страна, а од друга страна, пак, насоките за штедење не дозволуваат пациентите да се греат како изминатите години. Токму затоа испративме и две барања да го преселиме одделението во модуларната болница. Одделот е стар и беше предвиден за реконструкција, имавме и договор со претходниот министер, но пандемија ги смени плановите“, вели директорот Бојаџиев.
Модуларната болница во Велес е сместена веднаш зад инфективното одделение. Има 47 кревети, а беше пуштена во употреба лани во февруари.
За да заштеди струја и парно и болницата во Битола ги смести инфективното и микробиолошкото одделение во модуларната, а старата зграда ја затвори.