Само девет од вкупно 44 кандидати за градоначалници во деветте полошки општини ја потпишаа јавната заложба за унапредување на сервисите за заштита на жените и децата жртви на семејно насилство и останатите видови насилство врз жените. Иницијативата е на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Извршната директорка на оваа национална мрежа Елена Димушевска истакна дека целта на иницијативата е идните градоначалници да вложат повеќе напори во оваа област.
– Да ги почитуваат стандардите и препораките на Советот на Европа за воспоставување специјализирани сервиси за жените жртви на семејно насилство, обезбедување финансиски средства за нивна одржливост, пакет на социјални услуги за жени кои ќе пријават ваков случај и ќе сакаат да ја напуштат таквата средина. Отворање еден шелтер центар на ниво на Полошкиот плански регион со капацитет од 25 кревети, отворање кризен центар за смествување од 24 до 48 часа со капацитет од најмалку 10 кревети и отворање советодавен центар за обезбедување на психосоцијална и правна помош за жените жртви на семејно насилство, рече Димушевска.
Таа информира дека во моментот во Македонија има четири шелтер центри со вкупно 30 кревети и додаде оти секоја година има од 1.000-1.200 нови случаи на семејно насилство што, како што рече, покажува дека сме далеку од минималниот стандард.
Според неа, загрижувачки е податокот дека бесплатна правна помош има само во пет градови низ државата, додека психосоцијален центар има само еден, во Скопје, каде се работи со жените и децата жртви, но и со сторителите на семејното насилство.
Таа најави дека како национална мрежа по изборите, доколку градоначалници станат некои од кандидатите што се потпишале на јавната заложба, ќе организираат регионална полошка средба за разгледување на можностите како овој пакет да се спроведе на терен.
