УКИМ го одбележа патронатот со свечена академија на која говореше и премиерот Заев

Од:

Ќе го помагаме и поттикнуваме развојот на унвиерзитетската дејност на сите универзитети во Македонија и таа помош и поддршка ќе бидат секогаш достоинствено проследени со почитување на нивната автономија, истакна премиерот Зоран Заев вечерва на свечената академија со која Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го одбележа својот патронат и 69 години од основањето.

Претседателот на Владата зборуваше за заложбите што во насока на квалитетно високо образование ги презема Владата, посочувајќи го донесувањето на новот Закон за високо образование и Стратегијата за развој на образованието 2018-2015 во која, рече, прв приоритет во високото образование е да се обезбедат квалитет и ефикасност во согласност со добрите европски практики.

– Со универзитетите веќе работиме на враќањето на автономијата, како и на поголемо меѓународно поврзување на факултетите. Ќе ги зголемиме инвестициите во науката, истражувањето, развојот и иновациите. Ја унапредуваме и содржината на студии низ проширена листа на наставни предмети. Приоритет е подобрување на достапноста на лицата со попреченост, а посебно внимаваме и на подобрување на условите во студентските домови. Воспоставуваме услови за зголемување на инвестициите во високото образование. Истовремено работиме активно и на унапредување на состојбата со македонскиот јазик и на чувањето на колосалното идентитетско наследство што ни го оставија во аманет нашите просветители, истакна Заев во обраќањето.

Зборувајќи за мисионерското дело на Кирил и Методиј со кое го задолжиле сиот словенски свет, премиерот нагласи дека просветителите во 9 век дејствувале широко и без предрасуди покажувајќи дека така се негуваат вредностите за колективното добро и дека мора да се верува во визијата оти тоа е можно.

– Тоа бара макотрпна работа, бара да се издигнеме на културно и општествено ниво, бара да се надминеме самите себеси, но само тоа е патот што ги поместува границите и хоризонтите кон една светла иднина за сите, порача Заев. Рече и дека на нашето општество му е неопходна академската мисла, идеја и критики и затоа ги повика сите професори, студенти, медиуми, граѓанскиот сектор да бидат партнери во развојот на науката, да советуваат, критикуваат и насочуваат, да не бидат пасивни зашто, како што рече, потребни му се на заедничкото општество.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, во својата поздравна реч посочи дека со должна почит Универзитетот се потсетува на своите заштитници и на нивното епохално мисионерско дело, заслужни за културниот развој на сите словенски народи и поради тоа прогласени за патрони на Европа, а од црквата за рамноапостоли.

Во однос на постигнувањата на УКИМ истакна дека е предизвик да се остане на врвот и да се биде најголем и најдобар универзитет во земјава за што потврда е извештајот од петтата надворешна евалуација во октомври минатата година, кој констатирал напредок во однос на претходната евалуација.

УКИМ го следи аманетот на своите патрони и континуирано се залага за квалитет и да биде во чекор со современите стандарди за високо образование и во тој контекст посочи дека Скопскиот универзитет има повеќе од 180 билатерални соработки и над 300 Еразмус-договори со врвни универзитети од Европа, а новина е можноста студентите да стажираат во странски компании.