Учесниците на верската конференција дискутираа за религиската толеранција

Од:

Соживот на различностите како основа за мирно и толерантно општество, толкувано од социолошки и од теолошки аспект, беа теми на пленарните сесии „Да се живее заедно со почит кон различностите“ и „Плуралистичките општества и религиската толеранција“ во рамки на Третата светска конференција за меѓуверски и меѓуцивилизациски дијалог во Скопје. Дискутираа стотина учесници од различни конфесии и проучувачи на религиите.

Алберто Куатручи од Италија, модератор на една од сесиите, истакна дека вистинска почит кон различностите се покажува само ако на малцинствата им се помогне и им се даде право да се изразат, а диверзитетот во едно општество да не биде сведен само на симбол или формалност без суштина.

Митрополитот Теодосиј од Руската православна црква рече дека голем немир предизвикува турбуленцијата на вредностите и егоизмот на современиот човек. – Слободата е божји подарок. Неа ја трошиме, кога го избираме злото, рече митрополитот на Тамбов и Расказовск, со напомена дека ако не се внимава на моралниот живот, се ризикува, како што рече, уривање на зградата на современата цивилизација.

Ричард Беренгартен од Кристи колеџот во Кембриџ понуди поетска перпектива на разновидноста, повикувајќи се на древните сфаќања за човештвото – дека сите луѓе се притоки на една река, и на идеите на језуитот Џералд Манли Хопкинс и на поетот Вилијам Блејк.

– Разновидноста е голем подарок и изразите на сите култури треба да се почитуваат и да се сакаат токму поради нивнита уникатност. Ако сакате да го разберете и цените диверизитетот, почнете да ги гледате цвеќињата, но правете го тоа со окото на поетот, рече Беренгартен.

Имамот од американскиот Исламски центар на шиитите од Америка Хасан Казвини истакна дека заедничко на сите духовни лица, како што рече тој, слуги на Господ, е да ги сакаат другите и да ги почитуваат нивните избори. – Бог сака да сме различни, за да научиме едни од други, а не да се бориме едни со други. Ако сте правоверник, треба да го сакате Бог, но и сите негови креации. Тоа се вистински следбеници на монотеистички религии, а се друго е лажна вера скриена под името на религијата, рече Казвини, кој како пример го посочи неодамнешниот терористички акт на маратонот во Бостон.

– Тие луѓе не го прославуваат исламот, тие не убиваат немуслимани, туку убиваат и други муслимани. Тоа е политичка агенда во име на религијата и затоа треба да внимаваме – злоделата да не и се припишуваат на религија која проповеда толеранција, додаде тој.

Според Носнер Вилфрид од Евангелско-методистичката црква од Австрија, демократското општество се темели на три столба – добро родителство/семејство, образование – клучно за развој на општеството, и сеќавање т.е. да им се дозволи на сите припадници на едно општество да ги кажат и да ги негуваат своите приказни и различните толкувања.

– Само општество кое се грижи за своите слаби припадници е општество во кое вреди да се живее… Најважна работа за религијата е образованието на срцето, зашто тоа е местото каде што човекот ги донесува најважните одлуки, рече Вилфрид.

За животот заедно и со почит кон разликите низ евангелски поглед се осврна и професорот од Православниот богословски факултет Ратомир Грозданоски.

– Различни сме само ако има друг. Не сме различни ако сме сами, само ние, без другите. Стануваме различни кога ќе се споредиме со другите… Различноста е очигледна и неизбежна. Останува да видиме како да бидеме заедно со различноста. Ако различноста не раздвојува, што е тоа што не спојува – љубовта. Љубовта е разбирање на различностите, рече Грозданоски.

Во дискусијата, меѓу другото, беше спомнато дека и економската криза во светот влијае врз засилувањето на нетолеранцијата, екстремизмот и конфликтите и дека ним преку дијалог треба да им контрираат верските, културните и етничките заедници.

Звонко Јанкуловски од Американ колеџ-Скопје смета дека верниците треба да ја преиспитаат својата вера низ контекстот на човековите права, односно да веруваат во нив како што веруваат во Господ. Катерина Декановска од Конференцијата на европски цркви смета дека меѓу христијанството и исламот има уште прашања за отворање и повика сите да ја покажат својата човечка страна, да не се изолираат и да не игнорираат.

Анатама Даса од Меѓународната вајшнавска заедница во САД, која е дел од хинду религијата, смета дека улогата на верските водачи е да бидат застапувачи на вредностите. Повика на дијалог, отфрлување на националистичката реторика.

– Господ не е само на нашиот олтар и во нашите книги, тој е поголем од сите нас заедно, рече тој.

Проф. Димитар Мирчев, кој ја модерираше сесијата, е задоволен од посетеноста и продуктивноста. Изјави дека најважното што произлегува од верските конференции во Македонија е што нејзините учесници се вмрежени во еден форум и комуницираат меѓу себе, со што таа добива моќ да влијае врз меѓународни тела и кампањи и да се пласира глобално.