Скопското обвинителство по месец и половина сè уште нема одговор што е причината за смртта на докторката Јелка Спасовска Масин од Клиниката за нефрологија. Досегашните анализи добиени од увидот во домот на лекарката, каде што нејзиниот сопруг го пронашол мртвото тело, облеано во крв, како и резултатите од обдукцискиот наод, според надлежниот обвинител не биле доволни за расветлување на случајот.
„Поради тоа, побарани се дополнителни вештачења од Институтот за судска медицина во Скопје со цел да се утврди причинско-последичната врска. Од она што е добиено досега, надлежниот обвинител цени дека не е доволно за да се утврдат сите факти околу смртта“, велат за Макфакс од Јавното обвинителство.
Истрагата е сè уште отворена. Се истражува дали станува збор за убиство или самоубиство. Институтот за судска медицина неколку недели ги изработуваше анализите од обдукцијата на телото на докторката. Педесет и тригодишната лекарка и професорка на Медицинскиот факултет беше пронајдена мртва со повреди од нож во својот дом на улицата „Елисие Поповски Марко“, спроти Клиничкиот центар во Скопје.
По наредба на дежурен јавен обвинител беше извршена ДНК анализа на трагите од крв пронајдени на лице место. Исто така, по наредба на јавниот обвинител беа обезбедени и снимки од видеонадзорот на околните објекти.
Во меѓувреме во обвинителството беа сослушани и членови на семејството, но и други лица. Се бараат и други докази кои би можеле да го расветлат случајот.
