(ВИДЕО)Тунтев: Очекуваме фер локални избори и убедлива победа

Од:

Го поздравуваме денешното распишување на локалните избори. Очекуваме убедлива победа на нашите кандидати за градоначалници и листи за советници, во интерес на граѓаните. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е подготвен за локалните избори што по пр омената на централната власт, ќе донесат промени и на локално ниво, изјави Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата во Собранието.

Според него, поддршката што граѓаните ја даваат на СДСМ и проектите што носат живот за сите, секојдневно расте. Тоа е видливо и од нашите секојдневни средби со граѓаните и од општата атмосфера на слобода што владее во изминатите два месеца.

„Со победата на СДСМ на претстојните локални избори, започнатиот процес на реформи и ослободување ќе продолжи и на локално ниво. По промената на локалните власти целосно ќе запре партизацијата и заробеноста на инстутициите на општинско ниво, што денес во голем број се заробени и партизирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓанската опција предводена од СДСМ носи нови вредности и нови придобивки.Општините ќе работат за граѓаните и олеснување на нивниот живот. Граѓаните во центарот на вниманието и решавање на нивните проблеми и на локално ниво ќе биде реалност“, рече Тунтев.

Тој ги повика сите учесници во изборниот процес да се однесуваат одговорно и со нивното дејствување да придонесат во одржувањето фер и демократски избори.

„Очекуваме дека надлежните институции за организација на изборите ќе бидат подготвени ефикасно и професионално ќе одговорат на предизвикот за организирање на фер, слободни и демократски избори што во целост ќе ја рефлектираат волјата на гласачите“, рече Тунтев.