Трпеновски: Не може Груевски да спроведува избори ако во исто време одговара за криминалот во бомбите

Од:

Отпочнувањето на постапка против владините функционери кои се јавуваат во прислушуваните разговори, значи дека тие нема да можат да ги спроведат парламентарните избори во април наредната година, затоа што нивниот политички и личен кредибилитет е доведен под прашање, вели поранешниот јавен обвинител и претседател на Антикорупциска комисија, Јован Трпеновски.

За „А1он“ тој ја толкува изјавата на еврокомесарот, Јоханес Хан, дадена во Вашингтон во делот каде вели дека скандалите од илјадниците аудио ленти кои ги поседува опозицијата, не можат да се игнорираат и дека мора да се постапува по нив во независна истрага и со независни правосудни органи за кои, вели, се сложиле сите страни од преговарачката маса. Како што вели Трпеновски, Хан најверојатно мисли дека пред одржувањето на предвремените избори носителите на функции ќе треба да одговараат во независна постапка за делата кои им се припишуваат со објавувањето на бомбите. Но, додава тој, нешто помалку од една година не е доволен временски период за да се утврди вината во овие обвинувања.

-Краток е временскиот период да се отпочне постапка и да заврши до терминот на предвремените парламентарни избори. Но Јавното обвинителство мора да отпочне со таа постапка. Самото отпочнување на постапка значи дека одредени лица, кои ќе бидат опфатени со постапката не можат и понатака да бидат тие кои што ќе спроведат нови парламентарни избори, затоа што политичкиот и личниот кредибилитет им е доведен во прашање.

Ако Хан мисли на тоа, а јас мислам дека таа му е идејата, тогаш би требало да се отпочне со кривична постапка од очигледните докази кои што се доставени со кривичните пријави од опозицијата до ЈО. Таму се зборува за нерегуларности на претпоследните и последните избори, за кривични дела кои се во сферата на стопанството, за прибавување на голема материјална корист и од друга страна за измена на ДУП-ови за остварување на лична корист. Дури сега можеме да сфатиме која беше целта за притворањето и отпочнувањето на кривична постапка против претседателот на Советот на Центар, Мирослав Шиповиќ. Се тврдеше дека нема елементи за кривиччно дело, меѓутоа упорно се инсистираше на кривична одговорост, а и тоа укажува на губење на кредибилитетот од страна на јавното обвинителство – вели Трпеновски.

Како што објаснува тој, македонската јавност ја изгуби вербата во постапувањето на јавното обвинителство и изгубен е кредибилитетот на ЈО како институција на правосудниот систем. Последните причини за ова лежат во фактот што ЈО нема преземено никакви конкретни дејствија во паралелната постапка за прислушуваните разговори и нивната содржина, а веќе пред финиш е доведена постапката за „пуч“. Јавното обвинителство не постапува по кривичната пријава на Заев против лицето кое тврди дека од него биле барани пари, а поднесе обвинение за примање поткуп. Со други зборови, вели тој, поради селективноста на постапувањето, кредибилитет на ЈО е сведен на медиум.

-Во врска со изјавата на Хан дека овие скандали од „бомбите“ треба да се процесуираат, тие нужно мора да се процесуираат, но дали во сегашни услови можат правосудните органи да процесуираат случаи каде е доведена во прашање нивната селективност и нивната партизираност. При ваква состојба на правосудните органи не би можеле да очекуваме некоја објективна и законито спроведена постапка дури не настанат персоналните промени. Селективноста која е очигледна во ЈО зборува дека мора да имаме кадровски промени за да се врати авторитетот на ЈО како единствен овластен орган кој се занимава со гонење на сторители на кривични дела. Апсолутно мора да дојде до промена на раководството на ЈО за да може како институција да си го поврати авторитетот – посочува тој.

Хан споменува и дека во истражните и правни постапки ќе учествуваат меѓународни експерти, за што се согласиле сите страни. Трепеновски подвлекува дека без разлика на оваа правна советодавна помош, случаите во кои се вмешани функционери не би можеле да се расчистат без подготвеност од страна на надлежните органи.

-Ниеден меѓународен екрперт не може да донесе мериторно решение и да одлучува по било која поднесена кривична пријава. Меѓународнтеи експерти можат само советодавно да дадат свое мислење и свои сугестии, а дали ќе бидат прифатени зависи исклучиво само од домашните институции и домашните правосудни органи. Поради тоа користа од меѓународни експерти е неоспорна, но спремноста на нашите институции да ги прифатат сугестиите е доведена во прашање доколку остане ваквата кадровска состојба – посочува тој.

Маја Васева