Основното јавно обвинителство Охрид донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица осомничени за кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“ од член 230 став 1 од Кривичниот законик.
Според обвинителството, тројцата на 17 септември дошле со товарно возило полно со отпад во близина на депонијата „Буково“, каде што започнале да горат отпадни гумени кабли за да ги издвојат бакарните жици.
При согорувањето се создал чад, а во воздухот биле испуштени штетни материи.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Охрид доставил предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени, поради опасност од бегство и можност да влијаат врз сведоци во постапката.
