Нови модели, проекти и активности за унапредување на вклучувањето на младите беа тема на денешната информативна трибина „Преглед на состојбата на младите во Македонија низ индикатори за младинско учество”.
На дискусијата која се одржа денес во просториите на ЕУ инфо центарот во Скопје а претставува дел од проектот „Средиште на младински банки за Западен Балкан и Турција“, директорот на Агенцијата за млади и спорт, претставниците на Државниот завод за статистика, како и претставниците од граѓанскиот сектор заклучија дека е потребна активна агенда која ќе придонесе за долгорочно учество на младите, особено во секторите кои директно ги засегаат. Сепак, за да се доближиме до оваа ситуација, потребно е да се воведат нови модели и проекти за младинско вклучување.
„Моделот на младински банки претставува точка каде младите луѓе може да најдат информации, знаења, вештини и потенцијални партнери и средства, како одговор на потребите кои тие ги имаат.“ – истакна Марија Матовска – координаторка на проектот „Средиште на младински банки на Западен Балкан и Турција“, презентирајќи го моделот и проектот кој Младиинфо го спроведува во периодот од 2016 до 2019 година.
Дарко Каевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт во својот поздравен говор најави дека Агенцијата во 2018 ќе имплементира многу нови програми и проекти за унапредување на состојбата на младите. Акцентот ќе биде ставен и на младите луѓе во руралните средини и помалите градови, а целта е нивно целосно вклучување и мотивација за останување во земјта.
Експертите дискутираа дека стапката на младинската невработеност, посебно кај поранливите категории на млади, останува загрижувачка, но сепак ситуацијата постепено се менува. Потребно е исто така младите повеќе да се интересираат за процесите кои ги засегаат, да бидат поактивни и да ги користат можностите кои стојат на располагање.
Информативната трибина беше организирана во две тематски издвоени целини. Првата беше со фокус на економска, политичка и социјална вклученост во која учествуваа Зоран Илиевски, претседател на Коалиција СЕГА, Ајрија Чаушоска , претставничка на Државен Завод за статистика и Никола Петровски, координатор за членство и комуникации на Националниот Младински Совет на Македонија.
Вториот дел се однесуваше на претставување на индексот на младинска вклученост и презентација на отворен повик за проектни апликации на организации кои работат во полето на застапување за младинска вклученост.
Целокупната средба беше збогатена со кусото обраќање на Жељко Пауновиќ и Џенан Шариќ од Фондација „Мозаик“ од Босна и Херцеговина, кои учествуваат во основањето на македонската мрежа на младински банки, поддржана од УСАИД проектот за граѓанско учество.
Проектот „Средиште на младински банки за Западен Балкан и Турција“ ќе трае четири години, тој е поддржан од Европската комисија, а ги вклучува организациите: Ана и Владе Дивац Фондација – Ana and Vlade Divac Foundation (Србија), Прима асоцијација – Prima Association (Црна Гора), Центар за промена и менаџмент на конфликт – Center for Change and Conflict Management (Албанија), Фондација за волонтирање – Community Volunteers Foundation, како и Младиинфо Интернационал (Македонија).