Во Република Македонија е регистриран и трет случај на морбили (мали сипаници). Д-р Жарко Караџоски од Инститотот за јавно здравје на Република Македонија изјави дека трите случаи се регистрирани во Скопје, Куманово и Тетово.
Едниот случај е на бебе од пет месеци, кое не подлежи на вакцинација, вториот случај е машко лице на 40-годишна возраст кој бил вакциниран само со една доза МРП, додека последниот случај е на дете од петгодишна возраст кое има примено само една доза вакцини.
Караџоски апелираше институциите да се придржуваат до календарот на вакцинација и активно да се избаруваат сите случаи на невакцинирани лица со цел да се спречи ширењето на морбилите.
Тој посочи дека во Србија и Хрватска има повеќе илјади заболени лица, дури и тешко болни.
