Традиционална македонска свадба во штипското село Пиперово

Од:

После 25 години во штипското село Пиперово денеска почна традиционалната овчеполска свадба.

Во минатото овчеполските свадби траеле и по две недели, меѓутоа организаторите се одлучија сите адети да ги направат во два дена.

Идните брачни другари Борче и Надица Ристови подолго време живеат во дијаспората, меѓутоа се одлучиле својата љубов да ја крунисаат со изворна свадбена свеченост обелечени во овчеполската носија, која била карактеристична за овој регион.

-Ова за мене е нешто посебно, нешто што секој младоженец треба да го доживее или некој кој што во иднина ќе сака да направи свадба, рече младоженецот Борче Ристов.

Невестата Надица Ристова на сите им препорача да направат ваква традиционална свадба.

Пиперово е село кое во минатото имало 80 куќи, а сега живеат само две семејства. Трајче Ристов, татко на младоженецот, вели дека ова е еден од начините на кои сакаат да се популаризира селото и младите да се вратат на своите не така дамнешни обичаи.

-Порано беше одлично, вака правевме, но со времето тоа се изгуби и затоа сакаме да го обновиме и што е можно почесто да има вакви веселби, вели Ристов.

Во организирањето на традционалната свадба во овој регион се вклучени и Општина Штип и Академија Еуро – арт која го негува македонскиот фолклор.

-Во текот на денешниот ден успеавме да направиме многу обичаи, како одење по вода, бричење на младоженецот, дарувањето на деверот и кршењето на деверовата погача, како и многу други обичаи, вели Ребека Спасова од Еуро – Арт.

Покрај роднините и пријателите на младоженците, Домот на млади организираше бесплатен превоз и за сите граѓани, кои сакаат одблизу да се запознаат со традицијата на нивните претци.

-Се надеваме дека ќе премине во традиција и дека и Штип ќе има една налик на Галичката свадба, но да биде од Источниот регион со Овчеполски обичаи, додаде директорот на Домот на млади-Штип, Горан Трајков.