Ема Тошевска, ангажирана во Министерството за локална самоуправа ги оценува како погрешни и тенденциозни информациите објавени во сторијата на „А1он“ – „Нови имиња – се поголема листата од вдомени од министерот Милевски“. Нејзиниот демант го објавуваме во целост.
„Порталот А1on.mk, објави текст и видео-приказна со наслов „Нови имиња: се поголема листата на вдомени од министерот Милевски“ во кој се спомнува и моето име, Емилија Тошевска, со погрешни и тенденциозни информации, а објавена е и фотографија од мојата приватна архива – приватен профил, која не сум ја споделила јавно, што претставува грубо нарушување на мојата приватност.
Моето име во текстот се спомнува во делот каде што авторот пишува за колешката во Министерството за локална самоуправа, Теодора Димитровска, за која вели дека „за нејзиниот ангажман на швајцарски проект и биле исплатени 495.476 денари“ и потоа продолжува: „Нејзините другарки, Марина Стојмановска и Ема Тошевска исто така се ангажирани во министерството на Милевски.“
Погрешна е информацијата дека Теодора Димитровска ми е другарка. Таа ми е колешка која ја запознав во Министерството за локална самоуправа. Со наведување на оваа невистина во текстот, се создава впечаток како јас да сум била ангажирана во Министерството за локална самоуправа поради тоа што сум била другарка со Теодора Димитровска. Оваа невистина предизвика на социјалните мрежи, разни партиски Фејсбук и Твитер ботови да го тролаат моето име и да лиферуваат дезинформации дека јас незаконски сум добивала огромни суми пари од проекти во Министерството.
Вистината е дека во Министерството за локална самоуправа сум ангажирана по договор за дело за сума од 25.000 денари месечно од ноември 2020 г. како административен асистент на заменик министерот Зоран Димитровски, а истовремено и на државниот секретар. Не сум дел од никакви проекти и не сум добивала никакви други пари. Член сум на Демократскиот сојуз и мојот ангажман е дел од политичкиот кабинет на заменик министерот“, се наведува во демантот на Тошевска.