Градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски придружуван од страна на секретарот на општината Александар Алексовски денеска на најуспешните спортски клубови им додели благодарници за придонес и афирмација на спортот во општината.
Благодарници добија три спортски клубови кои изминатиот период остварија добри резултати и бројни победи на повеќе натпреварувања како на домашни така и на меѓународни, соопшти прес-службата на општината.
Овој месец во рамки на македонските првенства, во финалните натпреварувања одлични резултати постигнаа ЖОК Јанта Волеј, ЖКК Бадел и КК Академија ФМП.
Девојките од ЖОК Јанта Волеј станаа државни шампионки во сениорска категорија, освоија злато, додека пионерките од истиот клуб го освоија второто место во македонското првенство. Исто така, титула во Кисела Вода донесе и повеќекратниот шампион ЖКК Бадел 1862, кошаркарките од овој клуб од почетокот на првенството остварија бројни победи.
Уште еден кошаркарски клуб кој оствари одлични резултати како на домашен така и на меѓународен терен е Академија ФМП. Кошаркарите од овој клуб го освоија второто место во државното првенство во младинска категорија (М20). Младинците на истиот клуб на турнир во Србија во Лесковац го освоија третото место, додека во Бугарија во Ботевград второто место. Покрај остварените добри резултати, КК Академија ФМП со поддршка од Општина Кисела Вода од почетокот на месец април започна со оддржување на бесплатни тренинзи за сите заинтересирани дечиња од општина Кисела Вода.
Темелковски во своето обраќање на претставниците на спортските клубови им се заблагодари за придонесот, афирмацијата и промовирањето на спортот помеѓу младите во општината. Темелковски нагласи дека досегашната успешна соработка ќе продолжи и во иднина и дека спортските клубови секогаш ќе ја имаат неговата поддршка.
На крајот од средбата, претставниците на спортските клубови на Темелковски му доделија медали, со ова тие му заблагодарија за поддршката која постојано им ја дава, се додава во соопштението на прес-службата.
