Телеспорт: Самсоненко бега поради истрагите за неговото работење, а не зошто е навреден

Од:

Во есента 2006 година, Сергеј Самсоненко се пресели во Македонија. Со ништо непредизвикан, рускиот олигарх одлучи да го замени родниот Ростов со многу потоплото Скопје. Меѓутоа промената на местото на живеење не беше инспирирана од потребата за потопли краишта, пишува во анализата хрватскиот Телеспорт кој наведува дека Самсоненко сега бега од Македонија поради отворањето на истраги за неговото работење.

Самсоненко во Русија беше под голем притисок на државата поради сомнеж за даночни и финансиски малверзации. Реално, го правеше тоа што го правеа и другите олигарси, само што беше прилично мала риба, а со тоа и погодна мета за институциите да се покажат дека се ефикасни. Македонија ја избра затоа што почувствува поволен политички момент. Се пресели таму само неколку месеци откако на изборите победи ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја водеше Никола Груевски, а чија кампања Самсоненко отворено ја поддржуваше, наведува Телеспорт.

Во Русија единствен извор на заработка беше големата мрежа на обложувалници Bet City, наведува медиумот и посочува дека во Македонија почнал со финансирањето на женскиот ракомет, за да заврши со фудбал.

-Тоа беше целта на Самсоненко. Донесе голем спортски успех во државата, ја претвори во спортски колектив и се профилира како мецена без кој Македонија не може. Самсоненко стана омилен во јавноста, која поради вложувањата во спортот му простуваше за очигледната корупција и евидентните малверзации.

-Никогаш не сум бил навреден како претходниве денови. Одлучив, колку и да е тоа тешко за мене, оваа сезона да биде последна во која вложувам во сите три клуба, напиша Самсоненко во писмо, по критиките во јавноста откако неколкупати ги зголеми цените за натпреварот Вардар-Фенербахче.

-Целта беше да се предизвика реакција на која тој ќе има причина да се налути и да ги спакува куферите, тврди Телеспорт.

Сепак поинаква е причината за неговото доаѓање во есента 2006 година. По сите години додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, дојде СДСМ и новиот премиер Зоран Заев кој почна да ја истражува заднината на работењето на Самсоненко во Македонија, со оглед дека Русинот ја поддржуваше и ја финансираше спротивната политичка опција. Со секој ден се собира се пообемна документација која упатува на судир на интереси, корупција, малверзации, затајување данок, па дури и перење пари преку офшор компании со чија помош работеле неговите обложувалници но и неговите клубови.

Клопчето почна да се одмотува, а Самсоненко се најде во иста ситуација како пред 11 години. На луѓето им е јасно дека зад брзото заминување од македонскиот спорт не се виновни критиките во јавноста, туку промената на власта и отворањето истраги, пишува Телеспорт.