Ташевска – Ременски во СОС Детско село награди млад фудбалер

Од:

 По повод 20 ноември, Универзалниот ден на детето, министерот за труд и социјална политика Фросина Ташевска – Ременски, го посети СОС Детско село Македонија.

– Министерката Ташевска Ременски, на Трајче Пеев, младинец згрижен во СОС Детско село, му врачи пригодна награда поради неговиот успех да биде повикан во фудбалската школа на „Арсенал“ во Атина, како млада фудбалска надеж, посакувајќи му да заблеска на светското фудбалско небо и да ја промовира Македонија во светски рамки, се вели во денешното соопштение од СОС Детско село.

На денешната средба на министерката со децата и надлежните во СОС Детско село присуствувал и дел од највисоката раководна структура на СОС Детски села Интернационал: Гита Трауернихт, потпретседател на СОС Детски села Интернационал, Карстен Фелц, главен оперативен директор на СОС Детски села Интер-национал, Ангелика Крабахер, регионален Директор,  Дамир Чориќ, претставник на СОС Детски села Интернационал, како и Том Малвет, член на менаџмент тимот на СОС Детски села Интернационал, како и националниот директор на СОС Детско село Македонија, Јулијана Гапо.

Раководството на СОС Детски села Интернационал е во посета на Македонија за да се запознае со теренските активности на Проектот за интервентна поддршка за бегалците, затоа што СОС Детско село Македонија од почетокот на август оваа година, се вклучи со свои активности во поддршка на бегалците и мигрантите.

Притоа СОС Детско село помага во обезбедувањето пријателски места за деца, помош и пружање на психо-социјална поддршка на децата, родителите и семејствата во целина, како и на децата и мајките со мали деца во транзитниот центар Табановце, обезбедувањето храна за деца, како и непрехранбени производи – пелени, сезонска облека, ќебиња, хигиенски пакети итн.

Дистрибуцијата на оваа поддршка, СОС Детско село Македонија ја организира преку Црвен крст.
СОС Детско село дава и информатичка и комуникациска поддршка преку обезбедување интернет и комуникациско катче во Гевгелија и Табановце во кое бегалците имаат пристап до интернет, фотокопир, скенер… како би можеле да комуницираат со своите роднини и пријатели, односно да обезбедат основни документи за нивното патување до крајната дестинација.

СОС Детско село Македонија има потпишан Меморандум за соработка со Министерство за труд и социјална политика за спроведување на активностите од проектот за интервентна поддршка. Затоа и министерката Ташевска Ременски, потпретседателката на СОС Детски села Интернационал Трауернихт, како и националниот директор на СОС Детско село  Македонија, Јулијана Гапо, се согласиле дека со заеднички сили, во рамките на можностите ќе помагаат на децата во Македонија, но и на сите деца кои се наоѓаат во бегалските кампови во Републиката.