Со оглед на тоа дека Основното јавно обвинителство ги истражува деловите на разговорите кои укажуваат на незаконистост, очигледно дека ги прифаќаат како автентични, смета претседателката на „Транспаренси Интернешнл – Македонија“ и поранешен прв антикорупционер, Слаѓана Тасева, по вчерашното соопштение до јавност на ОЈО кое содржи низа на преземени дејства по однос на прислушувањето и „бомбите“.
Во самото соопштение од Обвинителство велат дека се преземени мерки за истрага на наводните незаконитости од телефонските разговори на повеќе владини функционери. Сепак, избегнато е да се соопшти дали ОЈО ја утврдило автентичноста на разговорите.
-Обвинителство до сега требаше да излезе со став дали се автентични. Но нема зошто да се водат постапките кои ги водат, ако снимките се монтирани и лепени. Самото отворање на овие постапки говори дека Обвинителство ја прифаќа автентичноста – вели Тасева за „А1он“.
Необично делува тоа што јавноста се информира за преземените активности речиси половина година од објавувањето на првата „бомба“, иако новинарите и граѓанските организации инсистираа да бидат редовно информирани. Според Тасева ова може да укажува на обид да се пресретне изборот на специјален јавен обвинител кој ќе има надлежност да ги истражи „бомбите“ и прислушувањето. Во соопштението таа гледа и можна намера пред време да се завршат некои случаи или да се заташкаат пред специјалниот јавен обвинител да почне да функционира.
-Прво на тоа помислив. Прашањето е зошто сега? Кој е мотивот за ова наеднаш произнесување сред лето кога институциите не работотат и кога администрацијата е на годишни одмори? Ние како Платформа за антикорупција постојано ги прашувавме за истрагите. Можеби мотивот е да се пресретнат понатамошни активности на некој друг и да се заташкаат случаите.
Како што рекоа вчера од Обвинителство, соопштението имаше за цел да ги демантира тврдењата дека работи селективно и да ја убеди јавноста во својата незавиност. Но тоа е тешко да се постигне ако се има предвид фактот што покренатите постапки се однесуваат на кривични постапки стари две години. Обвинителство можеше до сега да покрене истрага за изборните малверзации, гласачите од Пустец и насилните протести во Општина Центар каде советниците и градоначалникот беа вербално нападнати. Беше објавена обемна документација за ова во медиумите. Со тоа што дури сега започнуваат постапки за овие случаи, кога требало веќе да завршат, се потврдува селективноста во работењето на обвинителите, смета Тасева.
-Задоцнија во реакции за „бомбите“. До сега Обвинителството работеше селективно, се надевам веќе не е така. Не работеше на сите случаи што треба да ги истражи, се занимаваше само со опозицијата, додека криминалот на власта не беше истражен никогаш до сега, тие беа недопирливи. Мора да се надмине таа недопирливост на носителите на власт, мора да одговараат за своите дејствија – посочува таа додавајќи дека деталното информирање на јавноста е сепак позитивен чекор.
Што се однесува до фактот дека премиерот, Никола Груевски, воопшто не е споменат во преземените мерки и не е повикан на разговор, Тасева смета дека мора внимателно да се работи со овие случаите. Според СДСМ тоа покажува дека и понатаму премиерот е во директна врска со државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.
Тасева, пак, вели дека Обвинителство треба да работи претпазливо на овие случаи и да ја почитува презумцијата на невиност. Откако ќе има доволно основи за сомневање дека премиерот е вмешан во кривично дело, вели таа, прво треба да му се симне имунитетот, а потоа да се започне постапка против него.
Според политичкиот договор од Пржино, постапките поврзани со „бомбите“ и прислушувањето ќе ги преземе специјалниот јавен обвинител кој треба да се избере до 15-ти септември во договор меѓу власта и опозицијата. Специјалниот јавен обвинител ќе има целосна автономија во истражните постапки и ќе работи независно од ОЈО.
Маја Васева