Љупчо Таневски, сопственик на порталот „Охрид 1“ демантира дека Општина Охрид исплатила 1,9 милион денари на двете негови фирми „Мегастар продукција“ ДООЕЛ Охрид и „ЛТ трејд“. „Мкафакс“ денес објави текст со наслов „Со блокирана сметка Бакрачески се рекламирал за 1,9 милион денари на порталот ’Охрид 1“ врз основа на официјални податоци од Општина Охрид.
„Ја демантираме информацијата дека за услуги на порталот се фактурирани 1.989.560 и ве информираме дека во мандатот на Никола Бакрачески за услуги на ’Охрид 1’ месечно никогаш фактурираниот износ не надминал повеќе од 10 000 денари, а информацијата за која тврдите дека е доставена од службите на Општина Охрид и е објавена на вашиот медиум е целосно неточна. Воедно за да не се доведува јавноста во заблуда, да не се нарушува угледот на медиумот ’Охрид 1’, како и фирмата издавач и маркетинг агенцијата ’Мегастар продукција’, но пред се угледот на Никола Бакрачески, јавноста ја информираме дека порталот при секое потпишување на договор со локалната самоуправа додека беше градоначалник Никола Бакрачески, со посебен член кој беше вметнуван во секој потпишан договор беше обврзан да не фактурира износи повисоки од 10 000 денари што прави невозможно за услуги на порталот да се фактурира износот кој тврдите дека општината го дала во одговорот до вашиот медиум. Воедно го демантирам и делот од текстот и насловот во кој тврдите дека Никола Бакрачески се рекламирал на ’Охрид 1’ и за да не се доведува јавноста во заблуда, ве известуваме дека ниту Никола Бакрачески , ниту Општина Охрид никогаш не се рекламирале на ’Охрид 1’ и таа ваша констатација е целосно неточна. ’Охрид 1’ објавувал соопштенија и огласи, исто како и останатите локални медиуми од кои три медиуми во мандатот на Никола Бакрачески фактурирале кон општината повисоки износи од порталот ’Охрид1’, стои во демантот од Таневски.
Во податоците до кои дојде „Макфакс“ по пат на барање за пристап до информации од јавен карактер, прецизно се покажани сумите кои од сметката на Општина Охрид му биле фактурирани на Таневски во рок од пет години.

Сумите кои му биле префлани на Таневски во период од пет години. – Документот што Општина Охрид го испрати на „Макфакс“
Со ново барање за пристап до информации од јавен карактер „Макфакс“ побара детален преглед за префрлените пари од сметка на Општината на фирмите на Таневски за секој месец одделно заедно со објаснување на кој начин е прикажано трошењето со оглед на блокираната сметка, а побаравме и примероци од објавите и промотивните видеа. Одговор на второто барање не добивме и покрај истекот на законскиот рок од еден месец. Од Општината нема ниту објаснување зошто ги кријат месечните извештаи.
Маја Илиевска – Пачемска
