Тачко Локвенец, новинарската икона од Прилеп, бара јавно извинување од премиерот Никола Груевски, откако шефот на владата јавно го навреди него и неговиот син, кандидатот на СДСМ за градоначалник, Хари Локвенец.
„Валкано ме удри премиерот. Мавна ниско, под појас. Го направи тоа среде Прилеп, пред моите сограѓани, комшии, пријатели, колеги, пред моето семејство и моите деца, пред нивната мајка. Ни нанесе голема болка. За да го омаловажи син ми, се послужи со моето име и презиме кое го sидам 70 години. Замешал премиерот отров, впрегнал татко против сина си за пуста власт. Има ли поголем грев за еден човек кој има барем еден грам човештина во себе да каже такво нешто дека јас не сум го поддржувал син ми на локалните избори, туку неговиот противник. Не знам каде ќе му оди душата на Груевски за ваквата фатва кон мене и моето дете, ама веќе знам дека многу ниско паднал штом вака безочно лаже. И Груевски има деца, нека помисли малку како би се чувствувал некој да го пофали дека е мудар татко штом е против своите деца. Колку што е тој против своите деца, толку сум и јас против моите. Не му личи ова што го кажа во Прилеп. Срамота“, е ставот на Тачко Локвенец, кој денеска е објавен во колумната на колегата Ерол Ризаов во „Утрински весник“.