Лидерот на ДПА Мендух Тачи вечерва пред почетокот на вонредниот состанок на Централното претседателство најави дека ја прекинува соработката со СДСМ и опозицијата.
Нивната соработка предвидуваше поддршка на градоначалниците, односно во оние градови каде има мнозинско албанско население, СДСМ да го поддржи кандидатот на ДПА и обратно.
Тачи замерува што СДСМ го отворила прашањето за Струга,и со тоа го прекршила и договорот. Го обвини Црвенковски дека тој и партијата се однесуваат несериозно.
„Земете ги изјавите на двајцата лидери од тогаш, тие се обврзаа да се поддржат кандидатоте на ДПА во сите општини каде се Албанците мнозинство, а ние се обврзавме нивните кандидати да ги поддржиме каде што мнозинство се Македонците“, рече Тачи.
„Нивната денешна изјава дека сакаат да разговараат за сите општини, вклучувајќи ги Струга и Кичево е несериозна. Ако станам како нив несериозен би ги прашал дали би се сложиле во Штип и во Струмица кандидат да биде од ДПА. Оваа работа е дефинитивна и нема да има повеќе разговори и преговори. Им посакувам многу среќа на изборите, ова е несериозно однесување“, изјави лидерот на ДПА.