Суспендирана деканката на Биотехничкиот факултет во Битола

Од:

Деканот на Биотехничкиот факултет во Битола, професор Џулијана Томовска е суспендирана од функцијата, а на нејзино место е поставен вршител на должност. По две и пол години како прв човек на Биотехничкиот факултет во Битола, деканката Томовска, минатиот петок била експресно тргната од оваа позиција, потврдуваат за „Мета“ извори од Биотехничкиот факултет.

На местото на Томовска е поставена професорката Мила Арапчевска, вработена на истиот факултет.

Извори од факултетот велат дека суспензијата на Томовска доаѓа како гром од ведро небо, но дека најверојатно е поврзана со изборот на нов ректор на битолскиот универзитет, за што веќе е започната процедурата, и ќе трае се до септември.

Нашите информации велат дека актуелниот ректор на Универзитетот, Златко Жоглев, 30 дена по одлуката за суспензија на Томовска, ќе треба пред највисокото тело на Универзитетот, Сенатот да образложи зошто се решил на ваков чекор. Сенатот, пак, има право да одлучи и да ја поништи суспензијата на Томовска, и да ја врати на чело на Биотехничкиот факултет.

Нашите извори велат дека многумина фрлиле око на ректорката фотеља на битолскиот Универзитет, па во наредниот период се очекуваат и пожестоки пресврти во оваа високообразована институција.

Суспендираната деканка Томовска денеска не одговори на нашите повици на мобилен телефон.

Инаку, именувањето на Томовска за декан исто така стартуваше со суспензија на нејзиниот претходник, професорот Љупче Кочовски.

Според ова, за две и пол години, од ноември 2012 година, на Биотехничкиот факултет во Битола се супендирани двајца декани.

Извор: Мета