Студенти по медицина протестираа против Законот за медицински студии

Од:

„Не сме експериментални глувчиња“, „Увоз на реформи = извоз на доктори“, „Учиме за да бидеме доктори, а не пациенти“, „Едукација не егзекуција“, „Спасете ни го образованието“, „Се запишам на медицина за да спасувам животи, после законот сакам само да го спасам својот“, се дел од пораките испишани на транспарентите што денеска на пладне ги носеа студентите по медицина, кои пред Министерството за здравство, протестираа против измените на Законот за медицински студии.

Студентите бараа средба со министерот Никола Тодоров, револтирани од измените на Законот за медицински студии и континуирано усовршување на докторите на медицина.

Сакаа да им се објасни зошто е потребно да полагаат државен испит на крајот од втората и четвртата година од студиите и кои предмети ќе бидат опфатени.

Студентите велат дека ваквите измени се вментати во Законот за медицински студии, без консултација со експертската јавност.

Студентите бараа измена или укинување на овој закон, особено член 5 и член 6, кои што сметаат дека се несоодветни, нејасни и невозможни за остварување. За законските измени велат не ги засегаат само нив, туку и наредните генерации.

Сметаат законот задира во автономијата на универзитетот поради строгите одредби за полагање на државниот испит за лиценца, како и поради измените за полагањето предмети и условот за запишување следна година.

Студентите најавија дека нивните протести може да продолжат и во наредниот период.