Стружанки побараа поголема вклученост на жените во политиката

Од:

Претставничките на струшките разграноци на политичките партии и на невладините организации побараа зголемување на квотите за вклученост на жената во политиката.

На трибината „Родова рамноправност и јакнење на жената“ што денеска во Струга ја одржа Македонското женско лоби, заеднички заклучок беше дека мора да има поголемо учество на жената во политичкиот живот посебно на локално ниво, бидејќи досега во Струга имаше мал број жени кои се членки на локалните комисии во општината.

– На денешната трибина се разви богата дискусија и заедничка констатација на сите жени е дека квотата од 30 проценти е мала. Ние бараме 50 проценти, бидејќи и како популација во однос на спротивниот пол, исто така, сме околу 50 проценти. Жената е способна, има идеи и може да биде добар политичар, како што може да биде одличен раководител, добра мајка и домаќинка во семејството, истакна Драгица Попоска-Павлеска од невладината организација „Езерка“.

Денешната трибина се одржа во пресрет на локалните избори во Република Македонија закажани во март, а беше организирана од страна на Македонското женско лоби преку Здружението за еднакви можности „Езерка“ од Струга како нејзина мрежна организација.

Учествуваа триесетина претставници од сите политички партии на територијата на Општина Струга, освен од ДПА, како и претставнички на невладиниот сектор.