Стразбур пресече: Жалбата на осудените од ВМРО е недопустлива и преуранета

Од:

Европскиот суд за човекови права во Стразбур  ја објави одлуката за случајот со поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Судот за човекови права во Стразбур ги одби жалбите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ прогласувајќи ја аболицијата на перетаседателот Ѓорѓе Иванов како – недопустлива.

Судот пресуди дека обвинетите и осудените не успеале да ги исцрпат домашните правни лекови. Одлуката е финална, соопшти ЕСЧП. Заклучи дека на жалбите според член 6 (право на правично судење) беа предвремени и жалителите се уште го имаат на располагање Врховниот суд, па дури потоа да одат пред судот во Стразбур.

„Судот затоа пресуди дека националниот судски систем, кој може директно да ја примени Конвенцијата, треба да добие шанса да одговори на жалбите по предметите и да ги исправи сите прекршувања на Конвенцијата што ќе ги утврди. Севкупно, Судот затоа одлучи дека жалбите според член 5 и член 6 се недопуштени поради неисцрпување на домашните правни лекови, се наведува во пресудата.

Донесената одлука е во форма на решение, наместо пресуда. По шест години од апликацијата, Стразбур, образложува дека бидејќи се во тек судските процеси за четирите предмети, сметаат дека тие можат да се жалат дури откако ќе се исцрпат сите правни лекови во Македонија.

„Во својата одлука во случајот Талески и други против Северна Македонија Европскиот суд за човекови права има едногласно ја прогласи жалбата за недопуштена. Одлуката е конечна“, одлучи ЕСЧП.

Во образложение стои:

„Многу од апликантите биле членови на владејачката партија (ВМРО-ДПМНЕ) во времето на предметните настани и сите имале истакнати јавни функции, вклучително и премиер, министри во Владата и градоначалници. Ним им се суди за наводни кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското, широко распространето прислушување. Тие добија претседателски помилувања кои подоцна беа поништени. По поништувањата им се судеше, што е предмет на овој предмет. Судот одлучи дека апликантите не ги исцрпиле домашните правни лекови. Жалбите според член 6 (право на правично судење) се предвремени бидејќи домашните власти ќе имаат можност прво да ги решат во кривичната постапка што е во тек“, се додава во решението на ЕСЧП.

Предметот во Судот се води како „Талески и други против Северна Македонија“. Подносители на жалбата се седуммина македонски државјани, како и еден Македонец кој има и албанско државјанство.

Зад апликацијата стојат Никола Груевски, Тони Јакимовски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Кирил Божиновски и други, коишто беа опфатени со аболицијата на експретседателот Ѓорге Иванов, а се обвинети во предметите кои ги отвори поранешното СЈО.

Во жалбата се опфатени предметите за масовното прислушување и уништувањето на опремата „Таргет-тврдина“, за изборни нерегуларности „Титаник“, за злоупотреба при организирање на превоз на ученици во Битола „Транспортер“, како и предметот за уривањето на објектот „Космос“ наречен „ТНТ“.

Тие доставија жалба до Стразбур во 2017 година, во која се повикуваат на одлука во Стразбур за сличен случај кога било одлучено дека доделена аболиција не може да биде поништена.

„Тие беа осудени за наводни криминални дејства што се однесуваат на/и произлегуваат од содржината на незаконското прислушување. Тие добија аболиција од претседателот која што подоцна беше поништена. По поништувањето на аболицијата тие беа осудени“, наведува судот во објавата на нивната веб-страница.

Државата, како тужена страна, сметаше дека помилувањата на Иванов беа дадени спротивно на домашното право и беа извор на правна несигурност и директен повод за големо незадоволство кај граѓаните.

Се започна во 2016 година кога поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов донесе одлука за амнестија со која „се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници, или поддржувачи од спротивставените страни“.

„Свесен за последиците врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и на нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија. Метафорички кажано – да се пресече јазолот“, рече тогаш Иванов.

Одлуката на Иванов следеше откако Уставниот суд ги укина законските измени од 2009 година во кои се избриша член 11, што му даде можност на претседателот да дава аболиција и без спроведување на постапката за помилување.

Иванов аболицираше 56 лица за кои се водеше истрага. По неполни два месеци, тој ја поништи одлуката за аболиција, а по силниот притисок во јавноста, дел од помилуваните јавно побараа да се повлечат помилувањата.

Уставниот суд во 2020 година  со 5 гласа „за“ и 3 „против“, одлучи дека повлекувањето на аболицијата е законско и уставно, што подразбираше дека не постои пречка да им се суди на функционерите.