Поранешниот полициски генерал, Стојанче Ангелов се враќа во МВР. Ваквата одлука тој денеска ја соопшти и на Фејсбук.
„По долго размислување, во согласност со препораката на раководството на “Достоинство“, откако го известив врвот на коалицијата “ВМРО за Македонија“, одлучив да го прифатам предлогот на премиерот Зоран Заев и министерот Оливер Спасовски да се вратам назад во МВР“, напиша Ангелов во посто насловен „отпишаните“.
Тој додава дека заедно со него назад во МВР се враќа и неговата сопруга Јасминка Ангелова која таму работеше повеќе од 14 години, сѐ до март 2015 година, кога поради одлучи да си даде отказ и го напушти МВР, како што пишува Стојанче, поради нечовечен однос кон неа.
„Моето враќање во МВР е на професионална основа, се темели на моето 25 годишно присуство и искуство во областа на безбедноста, моето 16 годишно работно искуство во МВР од кои 7 во Единицата за специјални задачи “Тигар“ и не е условено со политичка соработка. Длабоко во себе верувам дека одвнатре, од МВР, со мојот авторитет и со моето полициско, политичко и интернационално искуство ќе можам да му помогнам на министерот Спасовски во неговата намера да го издигне МВР во една чесна, високо професионална и респектабилна институција“, напиша Ангелов.