Поради здравствени причини Зоран Ставрески поднесе оставка од позицијата вицепремиер и министер за финансии во Владата на Република Македонија.
– Здравствените проблеми со кои се соочувам и советите на лекарите упатуваат на тоа дека постои неопходност од подолго лекување и опоравување, заради што јас нема да сум во можност да ја обавувам функцијата министер за финансии и потпретседател на владата на Република Македонија”, наведува Ставрески во оставката.
Ставрески е дел од Владата од 2006-та година на позицијата потпретседател задолжен за економски прашања, а од 2009-та година и на позицијата министер за финансии.
„Ми беше задоволство да бидам дел од овој економски тим, кој со голем жар, ентузијазам, одговорност и посветеност работеше за Македонија и донесе резултати кои многу граѓани ги почувствуваа, тргнувајќи од сериозното намалување на невработеноста, значително подобрување на бизнис климата, високи растови на економијата и извозот, носењето на многу инвеститори и водењето здрави макроекономски и финансиски политики. Сето ова е остварено во исклучително тешки години на глобална финансиска криза, европска должничка криза, а еве речиси две години и домашна политичка криза“, пишува Ставрески во оставката.
Според информациите, на позицијата нов министер за финансии, премиерот Димитриев ќе го предложи актуелниот директор на Управата за јавни приходи, Кирил Миновски.
Собранието треба утре да ја констатира оставката и да назначи нов министер.