Министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска денеска оствари средба со делегацијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа за постмониторинг дијалогот со Република Македонија, предводена од ко-известувачите Лиза Кристоферсен и Валериу Гилечи.
На средбата се дискутираше за реформските приоритети на Владата на Република Македонија и Министерството за правда – реформите во судството, како и за унапредувањето на човековите права, демократијата и владеење на правото.
– Реформите што ги спроведуваме во Министерството за правда, се реформи за бенефитот на граѓаните. Добрата законска основа е гаранција за независноста и непристрастноста на судството, рече Дескоска. Таа порача дека сите решенија и реформи ќе бидат предмет на широка јавна дебата, која ќе биде спроведена во консултација со компетентни лица од областа на судството и обвинителството, експертската јавност, Венецијанската комисија, граѓанскиот сектор и политичките партии, додавајќи дека таа посакува долгорочни решенија за доброто на граѓаните и државата за што очекува консензус и политичка волја во Собранието.
Дескоска истакна дека очекува поддршка во спроведувањето на реформите, а претставниците на Парламентарното собрание на Советот на Европа ја изразија својата поддршка за евро-интеграциските процеси на Република Македонија и спроведувањето на реформите во делот на правосудството.
На состанокот, министерката Дескоска и ко-известувачите Кристоферсен и Гилечи од ПССЕ дискутираа околу измените во Законот за судови, кривичниот законик, како и за измените во Изборниот законик.
