Со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се потврдува политичката волја и заложба на двете држави за преземањето натамошни чекори кон градење меѓусебна доверба и надминување на отворените прашања“, истакна претседателот Ѓорге Иванов на средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.
Претседателот Иванов, истакна дека како и досега, така и во иднина ќе се залага за континуирано унапредување на добрососедските односи.
„Неопходно е заеднички да се соочуваме со предизвиците, во исто време бранејќи ги своите национални интереси. Токму затоа сметам дека ниту еден меѓудржавен договор не смеe да бидe на штета на сопствените државни и национални интереси. Постојано ја нагласувам потребата од решавање на спорните прашања на мирен начин и преку искрен и отворен политички дијалог, во согласност со меѓународното право и добрососедските односи со цел да се постигнат праведни и фер решенија врз основа на принципите на заемно почитување и поддршка и воздржување од мешање во внатрешните работи на државите“, порача македонскиот претседател.
Иванов ја реафирмираше целосната посветеност на земјата на европската и евроатлантската интеграција и истакна дека Република Македонија очекува отворена поддршка од Република Бугарија за почеток на пристапни преговори за членство во ЕУ, како и поддршка во однос на приемот на Република Македонија во НАТО.
Тој изрази очекување за интензивирање на политичкиот дијалог меѓу двете земји и скора средба со бугарскиот претседател, Румен Радев, посочувајќи дека посетите на највисоко ниво, претставуваат дополнителен импулс во градењето на меѓусебната доверба и добрососедските односи.
Во контекст на потребата од засилена регионална соработка, Иванов и Борисов разговараа за предизвиците кои произлегуваат од мигрантската криза и нејзиниот безбедносен аспект, при што македонскиот претседател ја истакна потребата за натамошно продлабочување и интензивирање на соработката меѓу разузнавачките служби, меѓуармиската соработка и соработката во борбата против организираниот криминал и тероризмот.
Двајцата соговорници изразија подготвеност за натамошно унапредување на севкупните билатерални односи меѓу двете земји, особено истакнувајќи ја потребата за подобрување на економската соработка и реализирање на започнатите инфраструктурни проекти во регионот.