Србија го повлече целиот персонал од амбасадата во Скопје за како што се вели консултации во Белград. Не е позната причината за ваквиот потег, односно повлекување на целата амбасада. За ова било известено и македонското министерство за надворешни работи, но и таму не ги навеле причините за повлекување на српските дипломати.
Одговорот се очекува да стигне од официјален Белград, од каде е веќе побарано објаснување за овој потег.
– МНР на Република Македонија денес доби нота од амбасадата на Република Србија во Скопје, со која сме известени дека персоналот на Амбасадата е повикан на консултации во Белград. МНР на Република Македонија не е запознаена со причините за оваа одлука и во тој правец воспоставува комуникација со МНР на Република Србија во насока на утврдување на причините за оваа постапка. Согласно релевантните одредби на Виенската Конвенција за Дипломатски односи, соодветните институции на Република Македонија преземаат мерки за заштита на безбедноста и интегритетот на амбасадата на Република Србија во Скопје, истакнуваат од МНР.
Српската амбасадорка Душанка Дивјак Томиќ за српските медиуми изјавила дека засега не може да ја коментира ситуацијата и најавила повеќе информации во текот на денешниот ден.
Од македонското Министерство за внатрешни работи пак информираат дека по добиеното известување од МНР дека амбасадата на Србија се повлекува на консултации во Белград, по барање на амбасадата, превземени се мерки на зголемена безбедност на нивните објекти.