Спасовски со апел: Граѓаните да им помогнат на институциите во справувањето со пожарите

Од:

За поефикасно справување со пожарите Владата прогласи кризна состојба на териториите на општините Македонски Брод и Чашка, информираше по вечерашната владина седница министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во функција на претседавач на Управувачкиот комитет за управување со кризи.

Пред тематската седница посветена на состојбите за пожарите во земјава, Спасовски рече дека имало седница на Управувачкиот комитет за управување со кризи, на која што врз основа на заклучоците кои што ги имале од групата за проценка, била донесена предлог одлука до Владата да се прогласи кризна состојба во подрачјето на општина Македонски Брод и општина Чашка, бидејки во овие две подрачја веќе неколку дена имаме активни пожари.

„Анализирајќи ги сите информации, пред сè, од сите релевантни фактори и институции кои што се вклучени во справување со пожарите, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, ЈП Македонски Шуми, Министерството на земјоделство шумарство и водостопанство, односно Шумската полиција, донесовме одлука на владата со која што прогласивме кризна состоојба во подрачјето на општините Македонски Брод и Чашка, која што ќе трае 30 дена од моментот на донесување на одлуката.

Ова е донесено сè со цел да можат во координирана акција сите институции, да делуваат на состојбата за справување со пожарите и на еден поефикасен начин да се одговориме на оваа ситуација, бидејќи гледаме дека во наредниот период ќе имаме временски услови со високи температури, а со тоа и можнст за ширење на пожарите. Ова е една од мерките која што ќе гарантира безбедност за овие региони и успешно справување со овие пожари,  до нивно целосно гасење“, рече Спасовски.

Тој информираше дека на седницата на Владата ги задолжиле сите надлежни институции да се вклучат и да помогнат во делот со справувањето со оваа кризна состојба во овие две општини, и, генерално, ако затреба било каде доколку има потреба со справување со пожарите на целата територија.

Спасовски одговоарајќи на новинарски прашања рече дека во гаснењето на пожарите освен сите домашни инстуции, имаме помош и со воздухоплови од Бугарија и од Турција.

„Тоа се воздухоплви кои што ги обезбедивме преку непосредно барање од страна на ДЗС. Институциите се во координација. Нема место за паника кај граѓаните на Република Макеоднија, посебно таму каде што навистина се појавуваат пожарите. Интервенираат и противпожарните бригади на територијата на општината. Да не заборавиме дека локалните самоуправи се најповикани  во делот на справување со било која криза преку инструментот на заштиота и спасување, па понатаму ДЗС и Владата. а овие две подрачја констатиравме дека имаме потреба од прогласување на кризна состојба со цел да се елиминираат до крај овие пожари, без да имаме тенденција на можно ширење“, рече Спасовски.

Тој ги повика граѓаните да им помогнат на институциите во справувањето со пожарите. Поради временските прилики, поради невниманието на граѓаните и така натаму, може да дојде до опожарување на кој било дел од територијата на Република Македонија и затоа треба координирана акција, во која и граѓаните ќе треба да помогнат, превентивно, покрај институциите кои што се задолжени за тоа. Министерството за внатрешни равоти, и Шумската полиција, и останатите институции кои што работат на превенцијата, но и граѓаните можат многу да помогнат. Да пријават на време и да ги повикаат институциите таму каде што има потреба да делуваат.