(ВИДЕО) Спасовски: Се залагаме за единствена и силна држава

Од:

Носителот на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во Изборната единица 2, Оливер Спасовски и кандидатите за пратеници, вечерва на митинг во Соколана во Куманово побараа поддршка од граѓаните и презентираа дел од мерките опфатени во програмата „План за живот во Македонија“.

Овие десет години, како што рече Спасовски, се најтешките во историјата на Македонија обвинувајќи ја власта за иселувањето на 630 илјади граѓани. Посочи дека се залагаат за единствена и силна држава која ќе чекори кон европското семејство и НАТО.

„Планот за живот во Македонија“, како што нагласи, опфаќа низа мерки со кои се реформира секој сегмент од општеството. Со програмата, додаде, предвидено е да се изедначат домашните и странските инвеститори, ќе се понуди директна буџетска поддршка од 140 милиони евра на годишно ниво за домашните компании за да можат да инвестираат и отвораат работни места, а единствен услов е да се заштитат работниците и да имаат достоинствена плата.

Минималната плата, согласно „Планот за живот во Македонија“, истакна е предвидена да биде 16.000 денари на крајот од мандатот, и додаде дека ќе им се помогне на бизнисмените преку економско-социјален совет и дијалог, за никој да не биде оштетен.

За младите, посочи повеќе мерки, како 10.000 евра за добра бизнис идеја, формирање старт ап центри, здравство достапно за сите, бесплатно болничко лекување, двојно зголемување на платите на лекарите, за како што рече, да не учат како сега германски јазик, да останат овде и да се посветат на здрава нација. Предвидени се, според Спасовски, сериозни реформи во образованието и враќање на достоинството на наставниците, укинување на есктерното тестирање и намалување на фондот на часови.

– Најавувам укинување на радиодифузната такса, враќање на ефтината тарифа на струјата, зголемување на пензиите, воведување на државна социјална пензија за сите оние кои не работеле, кои немаат работен стаж, минимален за остварување на право на пензија, а тој надоместок како државна социјална пензија ќе изнесува 60 проценти од просечната пензија во Македонија, истакна Спасовски.

Тој презентираше и проекти за Куманово, како целосна гасификација на Куманово, која е прва општина која го започна проектот, трајно решавање на проблемот со водоснабдување со финансика поддршка од буџетот на Македонија, решение на проблемот со санитарна депонија од буџетот или донации. Ги обвини политичките опоненти дека ветуваат рестартирање на капацитетите, кои рече, самите ги уништиле и нагласи дека дел од тие капцитети веќе се приватизирани од 2006 година.

– Ќе го промениме Уставот на Македонија се со цел да нема застареност за делата направени на криминалната приватизација, па да видиме кој приватизирал, кој тоа го правел на криминален начин и кој ќе одговара, рече Спасовски.

Тој нагласи дека оваа е битка која треба да ја врати Македонија на вистинскиот пат, ќе понуди нов почеток и ќе донесе нова Влада.