Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски, ја избегна казната од 50.000 до 300.000 денари која се пропишува за организирање политички настани во јавни установи основани од општините по неговата средба со граѓаните во хромската градинка „Росица“, јави Плусинфо.
Во оваа образовна установа Митровски, кој е и кандидат за градоначалник на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за претстојните локални избори, одржал собир со граѓаните кој беше документиран и постиран на неговиот профил на Фејсбук, каде можеше да се прочита дека градоначалникот ја претставил својата програма на граѓаните на УЗ Хром и дека воедно одговарал на нивните прашања.
Галеријата со фотографии е избришана од профилот на градоначалникот. Но остануваат неодговорени прашањата зошто овој општински функционер за презентација на своите ветувања или достигнувања избрал објект наменет и изграден за деца.