Пратениците во македонското Собрание по втор пат го изгласаа законот за ратификација на Договорот со Грција, откако претходно претседателот Иванов стави вето.
Со 69 гласа „За“ и еден воздржан, законот по втор пат оди кај претседателот на потпишување.
Во собраниската сала не присуствуваа пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои ја напуштија салата пред да започне гласањето.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да биде соучесник во капитулацијата. Нема да присуствуваме на седницата на која се носи овој штетен договор за промена на името, и се задира во идентитетот. Ова не треба да се слави, очекуваме Иванов да не потпише. Објавувањето без потпис е кривично дело кое не застарува. Не ни требаат штетни договори туку реални реформи“ изјави Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Пред гласањето министерот за надворешни работи, Никола Димитров рече дека Уставот не може да се брани со негово кршење, како што прави претседателот Иванов.
„Ве уверувам дека ниту јас, ниту Заев не прифаќаме загрозување на идентитетот и нацијата. Со спогодбата ќе имаме печатење на документот на македонски јазик со македонски превод“, рече Димитров.
Во однос на обвинувањата дека Владата не склучува меѓународни договори туку тоа го прави претседателот на државата. Димитров го цитираше уставот, според кој и Владата склучува договори во области од економијата, социјалата, заштитата на животната средина, енергетика, дипломатски конзуларните односи, одбраната.
„Од 897 меѓународни договори, кои досега се ратификувале во Собранието, само 5 биле склучени од страна на претседателите“, рече Димитров.
Пратеникот Ферид Мухиќ најави дека ќе остане воздржан на денешното гласање, бидејќи договорот со Грција е апсолутен преседан.
„Кога станува збор за судбоносно прашање за Македонија, во политиката не постои бесплатен ручек. Ни една меѓусебна спогодба никогаш не барала промена на име ова е апсолутен преседан. Спогодбата е потпишана, но моја цел е да обрнам внимание на светлата јавност. Меѓународната заедница постапува спротивно на Повелбата на ООН. Не смее никој да се меша во внатрешните работи на друга држава, ова е забрането, а флагрантно се крши спогодбата. Повелбата на ООН и меѓународното право гарантираат право на самоопределување, сега тоа нас ни се ускратува. Ова мора да се нотира, светот да разбере што му се прави на овој народ и оваа Влада. Национално достоинство не може да е предмет на компромис, вели Меркел, па тоа треба и за нас да важи. Нема да гласам против, но ќе бидам воздржан“ рече Мухиќ.
Собранието го ратификуваше Договорот за решението за спорот за името на 20 јуни со 69 гласа „за“ и без против и воздржани. Истиот ден тој беше потпишан од страна на Џафери и испратен до Кабинетот на Иванов, кој како што најави го врати законот во предвидениот рок без да го потпише Указот.
Минатата недела во Собранието на РМ беше доставена одлуката на претседателот на државата со која тој информира дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Kонечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.
Претседателот на Собранието Џафери најави дека по прегласувањето ќе го испрати законот во Службен весник на РМ со еден потпис, а исто така ќе постапи и за Законот за употреба на јазиците, чиј указ Иванов не го потпиша
Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција го потпишаа шефовите на дипломатиите на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас на 17 јуни во Псарадес, на грчката страна на Преспанското Eзеро. На потпишувањето присуствуваа и премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, медијаторот на ОН во спорот со името Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на Светската органзиација Розмари Ди Карло, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ Јоханес Хан.
Според договорот, официјално име на државата ќе биде Република Северна Македонија или Северна Македонија (скратено име).
Со договорот се признава – македонски јазик, дел од група јужнословенски јазици. За државјанство е предвидено: Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија – во сите патни документи.
Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешни процедури, но доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи.
Конечниот збор за договорот ќе го имаат македонските граѓани на референдум, најавен за наесен.
Галена Николовска – Ризвановиќ
