Случај „Беровски печат“: На 17 Мај ЛПМ одлучува со кого ќе коалицира

Од:

На 17 Мај ќе се дознае која партија ќе го има конечниот збор при носењето одлуки во Советот на општина Берово, иако помина речиси еден месец од одржувањето на конститутивната седница.

На првата седница се верификуваа мандатите на беровските советници, но не се избра претседател, а седницата ја водеше најстариот член на Советот.

Мартовските локални избори во Берово, донесоа еднаква распределба на советничките сили меѓу најголемите партии. По седум советнички места поделија ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а едно место му припадна на новиот член на Либералната партија на Македонија – Јован Матеничарски, кој во претходниот мандат беше претседател на Советот од редовите на социјалдемократите.

Но, беровчани се’ уште ги мачи енигмата која партија ќе успее да го придобие Матеничарски со што ќе добие мнозинство во Советот. Во Берово во текот на минатиот мандат, имаше локална коалиција, која не постои на централно ниво – коментираат граѓаните. Станува збор за советникот на НСДП кој соработуваше со ВМРО-ДПМНЕ. Овој пат, тие очекуваат Матеничарски да биде не само обичен, туку клучен играч во носењето одлуки во општината.

jovanСоветникот на ЛПМ, Јован Матеничарски вели дека нема понуди од никоја политичка партија за негово „купување“, но, сепак, постојат закани од една партија, чие име не сакаше да го открие.

– Се’ уште не можам да дадам никаква информација со кого ќе соработуваме. Следната седница на Советот на општина Берово ќе биде на 17 Мај и тогаш ќе обелодениме со кого ЛПМ ќе стапи во коалиција – објаснува Матеничарски.

Претседателот на СДСМ во Берово, Антонио Двојаковски не сака да коментира каква ќе биде одлуката на советникот на ЛПМ.

– Ние остануваме да бидеме опозиција и нема да преговараме со никого – кратко одговори Двојаковски.

Извори од штабот на СДСМ во Берово објаснуваат дека нивниот став за овие локални избори бил советничката листа да ја предводи млад и надежен кадар. За кандидат за градоначалинк, пак, да биде избрана личност која ужува почит и претставува репер меѓу граѓаните.

Како кандидат за градоначалник пројавил желба и Матеничарски. Тој сметал дека доколку го предложи некоја авторитетна личност, ќе ги добие симпатиите да биде избран за кандидат на СДСМ. Матеничарски успеал во намерата да биде предложен, но, сепак, не е изгласан од потесниот круг на партијата.

Револтиран од ваквата одлука, тој решил да го позајми печатот од Либералната партија и да направи своја советничка листа, на која е носител токму тој. На локалните избори, ЛПМ успеа да освои 612 гласа, кои беа доволно за освојување едно советничко место на советничката листа.

Петар Клинчарски