Град Скопје е подготвен да ги пречека илјадниците навивачи од сите страни на светот за претстојниот натпревар меѓу двата најтрофејни клубови во Европа, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед во рамки на УЕФА Супер купот.
Како што соопшти градоначалникот Коце Трајановски, најголем дел од активностите ќе се одржат во „неутралната фан зона“ на плоштадот „Македонија“.
– Направивме се за Скопје да кулминира во совршена локација за Супер купот. Заедно со јавните претпријатија Град Скопје ги презеде соодветните мерки за инфраструктурно и хигиенско средување на Скопје во исчекување на големиот број на посетители. Дополнително, одреден период градот го има соодветното декоративно уредување согласно стандардите на УЕФА Супер Купот, рече Трајановски по денешната посета на „неутралната фан зона“.
За посетителите од странство, информира, подготвено е промотивно видео кое ќе ги запознае со знаменитостите на Скопје.
– Во „неутралната фан зона“ сите ќе можат да играат 1 на 1 фудбал, фудбалски тенис, да шутираат пенали, а и да си ги испробаат своите способности во freestyle фудбал. Во оваа зона е предвидена богата музичка програма на познати македонски ди-џеи и музичари кои ќе ги забавуваат посетителите на 7 и 8 август од 11.00 до 19.00 часот, истакна Трајановски.
Тој додаде дека заедно со УЕФА и ФФМ на оваа локација ќе се постават и трите трофеи на УЕФА, трофејот на Лигата на шампионите, трофејот на Лига Европа и Супер Купот. Пред нив е поставено и грас рут игралиште на кое тимови на млади момчиња и девојчиња од цела Македонија ќе се натпреваруваат за интересни награди.
– „Неутралната фан зона“ ги отвора портите на 7 август во 11.00 часот и се очекува посетата на илјадници обожаватели на фудбалот. За нивно анимирање, покрај големиот број активности ќе се погрижи и маскотата на Скопје Супер куп, а голем број волонтери ќе бидат одговорни за беспрекорна реализација на сите активности. За дополнителни активности и за освежувањето ќе се погрижат партнерите на УЕФА Pepsi, Heineken, Master Card и Nissan, рече Трајановски.
Дополни дека и покрај сите активности во „неутралната фан зона“ Град Скопје ги подготви и двете точки на среќавање на навивачите на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Пред самиот натпревар тие ќе се соберат на плоштадот „Филип Втори“ и пред платото на спомен куќата на „Мајка Тереза“ од каде по строго одредени патокази поставени од страна на Град Скопје ќе тргнат кон националната арена „Филип Втори“.