Скопјани заедно со „На точак“ мрнаа со прст за Скопје да биде подобар велоград

Од:

„На точак“, една од најсимпатичните градски иницијатив на голема група ентузијасти со заедничка цел – подобро велосипедско Скопје, заедно со „Мрдни со прст“, ги поттикна граѓаните да ја кажат својата веловизија.

Во средата, 26 јуни, традиционално во последната среда од месецот, „На точак“ ја организира 63. критична маса, овој пат со цел сите да го замислиме Скопје како велоград, во кој велосипедите се секојдневно превозно средство на илјадници луѓе и град со беспрекорни услови за возење.

„Колку пати си се пожалил на условите за возење точак во Скопје. И колку пати си посакал да бидат поинакви. Сигурно си замислувал како би можело да биде. Сигурно имаш предлог како да се подобри. Сподели ја твојата #веловизија користејќи го овој хаштаг. Замисли како изгледаат поправени ситните инфраструктурни проблеми или твоето секојдневно искуство или како е променета големата слика за Скопје… Замисли го Скопје како велоград. И, како е таму? Како граѓани да им дадеме акцент на позелените, поздрави и поквалитетни замисли за Скопје. Обично таквите визии за градот се ставени во секторот алтернативни, а во мејнстримот се одржува статус-кво, а тоа за Скопје значи: тонење во загаденост, небезбеден сообраќај, хаос, неквалитетен град за живеење. Нека почне поместувањето на ова статус-кво од нас! Сподели ја твојата #веловизија“, беше пораката на критичната маса која се возеше од плоштадот Македонија, низ Центар, Чаир, Топаана, а заврши на платото пред Музејот на современата уметност, од каде што сите уживаа во погледот кон Скопје.

Со овој настан „Мрдни со прст“ продолжува со активностите за подигнување на свеста на граѓаните за разните можности за општествените промени кои се во доменот на секој поединец. „Tи си на потег“ како слоган на кампањата го повикува секој граѓанин да даде своја идеjа, да се вклучи и да реализира активности со цел да направи одреден придонес во заедницата во која живее.