„Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија (УПОЗ) и Здружението на судска администрација (ЗСА) ја поздравуваат одлуката на надлежните органи за делумно спроведување на Законот за јавнообвинителската служба и Законот за платите на јавните обвинители со што на овие вработени за месец февруари им се исплатија додатоците на плата за посебни услови за работа, постоење на висок ризик, доверливост и ноќна работа, работа во смени и прекувремена работа во висина од 20%, со надеж дека нема да биде еднократна, туку доследно ќе се почитиува Законот.
Од друга страна, изненадени сме од инертноста на Министерството за правда и Републичкиот судски совет кои и покрај штрајкот во судовите во 2016 година, кој траеше 62 дена, се уште не го уважуваат единственото барање истакнато за време на штрајкот и вработените во судовите да ги добијат истите додатоци на плата.
Со ваквите постапки Министерот за правда и Претседателот на Судскиот совет, свесно или несвесно ги провоцираат вработените во судовите со тоа што не ги обезбедуваат овие права и за нив. За време на штрајкот, вработените во судовите настрадаа од самоволието на Претседателот на судскиот совет Зоран Караџовски кој наместо да изнајде решение со проблемот за додатоци на плата арогантно, самоволно и против законски одлучи да ги казни околу 2400 вработени намалувајќи им ги платите за 40% за два месеци.
Бидејќи до денес овој проблем остана отворен, Синдикатот на УПОЗ и ЗСА му препорачуваат на Зоран Караџовски да го следи примерот на поранешниот директор на Јавното претпријатие Македонски железници кој деновиве не можејќи да го реши проблемот на штрајкувачите си поднесе оставка. Синдикатот на УПОЗ и ЗСА сметаат дека понатамошното останување на функцијата на претседателот на судскиот совет Караџовски ќе донесе уште поголеми проблеми во судството, а особено на вработените во судовите чиј животен стандард лично тој го унакажа и уназади.
Синдикатот на УПОЗ и ЗСА ќе се обратат до Министерството за правда и до Министерството за финансии со барање сите вработени во правосудните органи да имаат еднаков третман во поглед на добивање и исплата на надоместоците на плата, а по формирање на новата влада веднаш ќе упатат барање за измена на Законот за судска служба“ се вели во соопштението на Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација.