Син на познат политичар од Македонија фатен со дрога во Кукуш, Грција

Од:

20-годишен македонски државјанин заработил кривична пријава за нелегално поседување дрога и оружје, од страна на Единицата на полицијата за борба со нелегална трговија на дрога од Кукуш, Грција.

Неофицијално, станува збор за син на познат политичар од Македонија, пренесуваат дел од македонските медиуми.

Од порталот Плусинфо дошле до официјалниот билтен на грчката полиција во Кукуш, каде е заведен случајот.

Македонскиот државјанин бил уапсен, а количеството дрога за која полицијата во Грција тврди дека е пронајдена во неговото возило, со кое влегол на грчка територија, е мало, најверојатно за негова лична употреба.

Но, ригорозните закони за наркотични средства, кои се дел од глобалната светска борба со наркотици, диктираат строги казни, па Македонецот пред грчкиот суд ќе одговара за тешко кривично дело, за нелеглно поседување дрога и оружје.

Од Плусинфо го прашале Министерството за надворешни работи на РМ дали Конзулатот на Република Македонија во Солун добил известување од грчката полиција за овој случај.

Од таму им одговориле дека полицијата на Кукуш не испратила никаква копија од записник за овој случај, иако тоа треба да го стори по службена должност.

Дипломатско-конзуларните претставништа имаат можност да обезбедат и правна помош, но тоа го прават доколку државјаните кои треба да одговараат пред органите на прогонот во странската земја, го побараат тоа од амбасадите или од конзулатите. Во конкретниот случај, освен Конзулатот во Солун што не бил известен за случајот, не била побарана и никаква правна помош или обезбедување адвокат – велат од МНР за Плусинфо.

Ни МВР нема информации дека кај македонски државјанин е пронајдена дрога.

МВР нема добиено никакво известување од грчка страна дека во изминатиот период на граничниот премин Евзони кај некој македонски државјанин била пронајдена одредена количина наркотични средства, изјави портпаролот Иво Котевски.