Ова е текстот на спогодбата што ја постигнаа денеска партиите во претседателскиот кабинет, онака како што ја прочита известувачот на Европскиот парламент, Ричард Ховит.
Партииите се спогодија:
Да се поддржат стратешките приоритети на земјата преку меморандум за разбирање и преку парламентарна резолуција, потврдувајќи ја поддршката на евроатлантската интеграциска агенда и партиите да се заветуваат дека ќе се воздржат од активности кои би ја поткопале оваа цел.
Да продолжи нормалниот политички живот. Сите партии да се вратат во парламентот и да учествуваат во закажаните локални избори.
Да се поддржат итни клучни реформски мерки, вклучувајќи и унапредување на работењето на Собранието, вклучувајќи ја и иницијативата на претседателот да се формира ад хок Анкетна комисија која ќе ги истражи настаните пред и на 24 декември, вклучувајќи ја нивната уставност, како и обезбедувањето во и пред парламентот, и ревизија на правилата за собраниските процедури. Заклучоците од оваа комисија ќе бидат рефлектирани во извештајот на Европската комисија за напредокот, на есен годинава.
– Изборни реформи. По локалните избори, вклучувајќи, и во врска со гласачкиот список, негова ревизија после изборите, според препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
– Слобода на изразување. Продолжување на дијалогот со новинарите, предводени од ЗНМ, и други мерки за градење доверба.
Околу изборниот календар, партиите се договорија да овозможат доволно време да се поднесат листите на кандидати за овие локални избори, а потоа да се сретнат веднаш после локалните избори за да се дискутира внатрешната политичка ситуација, вклучително и заклучоците од Анкетната комисија за настаните на 24 декември и да ги продолжат дискусиите во добар дух за сите опции, и без предрасуди, за да се дефинира тајмингот за следните парламетнарни избори, а врз основа на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, за да може резултатите да бидат земени предвид во следниот извештај на Комисијата за напредокот.
ЕУ да закаже четврт состанок од Високиот дијалог за пристапување (ХЛАД) овој март, вклучувајќи ги Владата и Националниот совет за евроинтеграции. Европската комисија (ЕК) да го поднесе својот извештај како што е побарано од Европскиот Совет, до средината на април и Европскиот парламент да закаже гласање за овој извештај во позитивна и конструктувна временска рамка.
Откако го прочита текстот на спогодбата, Ховит напомена и дека одговорност за судбината на оваа земја имаат и членките на ЕУ.
– Дојдовме со силна верба дека политичарите од оваа земја ќе најдат начин за излез од политичкиот застој, кој ја исфрли земјата од евроатлантската патека. Задоволни сме што политичките лидери конечно покажаа дека имаат политичка одговорност да се спогодат за решение кое земјата ќе ја врати кон претпоставеното нормално функционирање на политичките институции и да продолжи конструктивната работа врз евроатлантските приоритети, заради крајно добро на народот и земјата.
Ние се надеваме на брза примена на спогодбата, за евроинтеграциската агенда да се врати на колосек, да се интензивира реформскиот процес и ЕП и ЕК да може да продолжат со своите извештаи за земјата.
Сакам да додадам, ова е договор што е постигнат доцна, но се надевам и верувам – не предоцна.
Никој не смее да ги потценува предизвиците пред партиите во наоѓањето спогодба и мојата порака до членките на ЕУ е да ги надминете вашите предизвици, за да се овозможи оваа спогодба да се реализира. Спогодбата е клучна за европската перспектива на оваа земја. И горд сум со моите европски колеги што сум ја потпомогнал, а оваа спогодба на партиите е битна за земјата, и на партиите навистина искрено им благодарам за тоа – рече Ховит откако го прочита текстот на спогодбата.