Шо збориш бе ти?

Од:

Колку внимателно го следам кандидатот за градоначалник на општината кој зборува со голема посветеност пред толпата. Не се само неговите идеи оние што ја предизвикуваат мојата љубопитност да го слушам, но исто така, тука е и начинот како тој стои, како оди на сцената, потоа гестовите и движењата на рацете што толку убаво ги координира со интонацијата на гласот, со природното дишење и со молезливиот поглед.

„Ако ми го дадете гласот, јас ви ветувам дека Тетово ќе стане град на цвеќињата, на пространи пешачки патеки, на широки улици, на отворени и покриени базени, на прекрасни градини, на регулирани и уредени гробишта … Почитувани сограѓани, ве уверувам дека вашите животи радикално ќе се сменат, како што ноќта го менува денот. Нашиот град ќе има нови високостручни училишта, спортски терени, стадиони, каде што ќе може да се одржуваат Олимписки игри. Исто така, нашиот град ќе поседува многу летни и зимски кина, совршени трговски и економски центри … Зар вие не заслужувате да имате уште еден високоразвиен културен центар, каде што ќе се изведуваат врвни уметнички активности? Она што Хектор Берлиоз го опишувал преку неговото утописко и футуристичко дело ’Еуфонија‘, за германскиот град Херц, ние ќе го направиме реалност за нашиот град. Значи, ќе градиме населби во кои ќе живеат само уметници, населби каде што ќе живеат само спортисти, потоа населба на докторите, на архитектите, на академиците и така натаму. Тетово ќе биде сосема друг град. Исто така, ќе направиме уште едно корито по кое ќе течат најдобрите идеи на мудреците, кои ако не ѝ служат на светлата иднина на градот, ќе бидат плукани од сите минувачи. Користејќи ги најдобрите искуства од развиените земји, ќе го направиме нашиот град со реноме, со слава. Низ цевките на градот ќе помине чиста вода за пиење, низ нашите бели дробови ќе помине свеж воздух, во нашите умови ќе циркулираат само праведни и убави мисли. На периферијата на Тетово ќе се гради совршена фабрика за рециклирање на отпадокот, додека од Егејското Море, преку реката Вардар, ќе се донесе, низ голема проѕирна цевка, соленкава вода, за да се исполни големиот басен, кој веќе поминал како предлог преку сите релевантни институции. Ова ќе им овозможи на жителите, кои не можат да одат на море, да ја почувствуваат плажата во подножјето на планината Шара. Напојувањето ќе се извршува преку ветерници и соларни панели, додека сегашната технологија на искористување на фосилните енергии, ќе стане историја. Ве уверувам дека моето доаѓање на чело на градот ќе донесе просперитет, љубов и благосостојба, бидејќи ќе имаме голем профит од мноштвото посетители што ќе доаѓаат од секој агол на планетата. Се надевам дека, според бројот на посетителите, Тетово ќе биде втор град во светот, по Мека (Саудиска Арабија). Едноставно, Тетово ќе биде прекрасен град, затоа гласајте за мене! Да гласате за мене, значи дека сте гласале за вашата иднина …

Браќа и сестри, еднаш, во Турција, еден полицаец успеал да го приведе најбараниот човек од власта, за когошто биле понудени неколку милиони евра. На патот кон затворот, полицаецот морал да влезе во својот дом, за да го информира своето семејство, но и да ги преземе неопходните работи, бидејќи поради конкретниот случај, требало да отсуствува неколку недели. Така, тој се сретна со еден човек на улица, молејќи го да внимава некое време на овој криминалец, додека тој се подготвува. Во меѓувреме, човекот со лисиците на раце, го замолил чуварот да му ги отстрани оковите и дека за таа услуга би му дал 10.000 евра. Тој, накратко, му одговорил: „Никогаш“. „Тогаш ќе ти дадам 50.000 евра, ако ми ги одврзеш рацете.“ Тој му возвратил набрзина: „Не, не, под ниту еден услов“. По третпат, многу бараниот виновник и престапник му нуди 100.000 евра за да го ослободи, но случајниот чувар му вели: „Еј, мажу, дали разбирате дека јас сум чесен човек, силен, разбран, прокопсан, човек од доверба, човек што веќе му дал збор на полицаецот? Јас нема да те ослободам по ниту една сума пари. Зборот си е збор и точка …“ Затоа, драги сограѓани, драги браќа и сестри, драги гласачи, сакам и вие да ми го дадете својот збор и да гласате за мене на овие избори.“ Оваа порака, како да ме постави во една непријатна состојба, во незавидна ситуација, ме возбуди, и додека ми вриеше разумот, се разбудив од сонот. Сиот задишан и потен. Станав од креветот и отидов во бањата за да го измијам лицето, но за жал, немаше вода. Излегов на балкон, за да се освежам, но брзо се вратив внатре, бидејќи се ширеше неподнослива реа, градот беше во целосен мрак, не работеа ни уличните светилки, не можев да ги поднесам ниту длабоките и тажните воздишки на едно момче од соседството, кого што занемарувањата на локалните институции го донесоа до прагот на смртта. Бесрамниот глас што излегуваше од малиот прозорец на неговата стара куќа како да ја продлабочи тагата во оваа немирна ноќ. Се вратив во креветот, за да заспијам, но никако да ме фати сон, па дури почнаа да ми се појавуваат и халуцинации, чувствував вртоглавица, главоболка. Во овие моменти, се сетив на убавата поговорка: „Вие можете да си купите кревет, но не можете да си го купите сонот!“ Станав повторно и решив да одам во „Брза помош“, за да се консултирам со дежурниот лекар. Одев брзо, а со себе го носев и чадорот, бидејќи почна да врне. Пред да стигнам на плоштадот, застанав во една продавница што работи деноноќно, за да купувам вода за пиење. Продавачот, човек со низок раст и слаб, зрел сопственик, кој си ја суредуваше стоката на тротоарот, пред неговата продавница, ми се обрати: „Каде, вака, толку доцна?“ Велам: „Одам во болница, затоа што не се чувствувам добро. Освен проблемите со немаштијата, уморен сум од лаги, празни ветувања, безнадежна иднина, уморен сум од градскиот хаос, од прашината, од ѓубрето, од загадувањето, од дупките, од …“ Токму во овој миг, минува со голема брзина еден автомобил без регистарски таблички, кој нé испрска со кал, бидејќи возачот очигледно не ја забележа големата дупка насреде патот, што била создадена од пукнатите цевки на водоводот. Останавме наместо, изненадени, без здив, смрзнати. Продавачот воздивна длабоко: „А, п… му матер, нé направи заникаде“. Сакајќи да ја смирам неговата турбулентна душа, реков: „Немој да се вознемируваш, сите работи ќе се средат, баш сé, патиштата, парковите, паркинзите, водоводот, депонијата… Имајте трпение! Токму тоа е она што го велат кандидатите во оваа изборна кампања“. Одеднаш ме прекина и со висок тон рече: „Шо збориш бе ти, дали си токму? Зарем не сфаќаш дека цело време нé пасат… Тетово вака не било ни во турско, ни во бугарско, ни во српско време. Полошо – никогаш!“… Еден купувач ни го прекина разговорот, а во меѓувреме, јас морав да се вратам дома, за да ја променам облеката. Кога тргнав кон моето маало, група опасни, големи и болни кучиња (скитници) потрчаа по мене, но јас успеав да им побегнам и да се скријам во влезот на една соседна куќа, каде што останав да го чекам новиот ден, денот што, можеби, ќе донесе и светлина и поголема надеж.

Беким Рамадани, Тетово